„Цар Борис“ доби уште еден месец оти поднел документи во Централниот регистар

Протест пред клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид/ Фото: Владимир Јовановиќ

Здружението „Цар Борис“ поднело дополнителни документи до Централниот регистар за усогласување со Законот за здруженијата и фондации и со тоа доби дополнително време, односно предметот за ова здружение не е разгледуван на вчерашната седница на Комисијата за употреба на имиња. Комисијата вчера донесе негативно мислење за употреба на името „Иван Михајлов“, а за „Цар Борис“ добила известување дека здруженето поднело дополнителна документација за да се усогласи со Законот. Ова значи дека здружението на Бугари „Цар Борис“ со седиште во Охрид самото ќе си даде нов назив и нема да биде избришано од Централниот регистар, што пак се очекува следната недела да се случи со здружението на Бугари „Иван Михајлов“ со седиште во Битола.

Од Министерството за правда велат дека Комисијата за имиња ќе продолжи да работи, ќе ги разгледува и сите останати 17.000 регистрирани здруженија во Македонија, а ќе заседава и секогаш кога во Централниот регистар ќе се појави барање за упис на здружение или фондација со назив со име на историска личност.

Министерството за правда вчера информираше дека министерот за правда Кренар Лога го потпиша Решението со кое барањето за добивање на одобрение за користење на името ,,Иван Михајлов” во називот на употреба на Здружението Културен Центар Иван Михајлов-Битола се одбива како неосновано.

„Министерот Лога го потпиша решението имајќи го предвид негативното мислење на Комисијата за употреба на имиња на личности која денеска одржа седница и во образложението за негативното мислење наведе дека дека именувањето на какво било здружение на граѓани со името Иван (Ванчо) Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ со оглед на неговото јавно и постојано негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура. Величењето и славењето на неговиот лик и дело предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество“, соопштија од Министерството.

Од Комисијата, пак, донесоа негативно мислење за употреба на името Иван Михајлов затоа што смета дека таквото именување е провокација за националните чувства на македонскиот народ „имајќи предвид дека се работи за личност блиска со фашистичка идеологија, кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество.“

Од Здружението „Иван Михајлов“ најавија дека нема да го менуваат називот и дека правдата ќе ја бараат на суд, ако треба и до Стразбур. Од Здружението „Цар Борис“ пак, за време на законскиот рок од три месеци, кој истече на 16 февруари, во кој сите здруженија требаше да се усогласат со измените, поднеле барање во Централниот регистар за намера за усогласување со законот, но не поднеле никакви придружни документи. Од ЦР тогаш информираа дека здружението подбнело само еден лист хартија, но оставија простор во меѓувреме да ги добијат и останатоте потребни документи за усогласување со законот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот