Бугарскиот новинар Никола Лалов на сајтот Медиапул.бг (mediapool.bg) поставува 10 „незгодни“ прашања до бугарската влада, која пак досега ги нема одговорено пред бугарската јавност, а кои водеа до вето на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија.
1.Зошто Бугарија го именуваше контроверзниот бизнисмен Јордан (Орце) Камчев за почесен конзул во Скопје и така влета во корупциските скандали што го тресат неговиот југозападен сосед?
Прво, владата тивко го назначи најбогатиот Македонец за конзул, но на ист начин тивко, ја повлече својата кандидатура без да даде некакво образложение. Според локалните медиуми, Бугарија прво се обидела да го „спаси“ Камчев од истрагата, а потоа го измамила и не му обезбедила заштита.
2. Зошто Бугарија не покажа конзистентна политика и не го постави прашањето за говор на омраза и кражба на историјата кога Северна Македонија влегуваше во НАТО на почетокот на оваа година?
Вака, Софија дозволи нерешени билатерални прашања да влијаат на Алијансата.
Тоа стана совршено јасно за време на дебатата за членство на Северна Македонија во Европската Унија кога Бугарија ја блокираше.
3. Зошто владата дозволи потпишување на Договор за добрососедство со Скопје, што беше претходно критикуван од експерти и пратеници заради стилот и недостатокот на механизми за спроведување и контрола?
Дали Министерството за надворешни работи има доволно добро обучени експерти за Северна Македонија за да формулира јасни позиции (вклучително и без фактички грешки)?
4. Како се избрани членовите на историската комисија од бугарска страна и зошто владата ги изолираше умерените историчари и јавни личности од формирањето на бугарската позиција?
5. Зошто Премиерот го стави дијалогот со Скопје во рацете на министерот за одбрана Красимир Каракачанов, чие портфолио како вицепремиер не е надворешна политика и му направи услуга за предизборни цели?
6. Ја потцени ли Бугарија темата, демонстрирајќи последните три години неконзистентна политика кон Северна Македонија, вклучувајќи и несовпаѓање во тонот на министрите и премиерот?
7. Зошто си дозволи Бугарија да се најде во европска изолација?
Бугарија очекуваше бугарските барања да се одразат на преговарачката рамка со Северна Македонија, но тоа не се случи, иако другите земји-членки се свесни за желбата на Софија.
Партнерите во ЕУ не ги разбираат мотивите за ветото на Бугарија, имајќи предвид дека Софија беше главен поддржувач на европската перспектива на регионот и ја наведе оваа причина како приоритет на првото претседателство со Советот на ЕУ во 2018 година.
8. Дали бугарската влада на проруската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ ѝ стана „сојузник“ која ги користи билатералните односи против владата на Зоран Заев и главно е одговорна за говорот на омраза кон Бугарија?
9. Дали постои стратегија на бугарската влада да ја поправи штетата направена врз довербата и однесувањето на обични македонски граѓани кон Бугарија?
10. Зошто Бугарија си дозволи да стане „нова Грција“ за Северна Македонија, а Атина да ја преземе заштитата на небото и да порачува вакцини за неа на европско ниво?