Буџетски форум: На барање на граѓаните, со 25 милиони денари ќе се уредува Капиштец
Многу предлози и сугестии од граѓаните се изнесоа на вчерашната последна сесија на буџетскиот форум за креирање на буџетот на Општина Центар за наредната година.
Препорачано
На форумот, граѓаните побараа решение за затворање на улица Боемска и урбанизирање на делот зад Градежниот и Архитектонскиот факултет за да се добие побезбеден пристап на децата до основното училиште „Коле Неделковски“. Градоначалникот Горан Герасимовски посочи дека интензивно се работи за надминување на овој проблем и најави уривање на бараката зад факултетот како дел од новото сообраќајно решение.
Остваривме средби со деканите на Градежниот и на Архитектонскиот факултет, како и со ректорката на УКИМ за да изнајдеме решение. Се согласивме дека треба да се искористи просторот зад факултетот, да се отстрани бараката и да се направи свртница која ќе биде функционална – рече Герасимовски.
Локалната самоуправа го поддржа и предлогот на граѓаните од претходната буџетска сесија одржана во ноември за хортикултурно и партерно уредување на населбата Капиштец, за што веќе се обезбедени 25 милиони денари.
Овој проект на потегот од паркингот Зебра до паркот Капиштец ќе ја разубави населбата со ново зеленило, осветлување и со ново партерно уредување. Општина Центар и Капиштец го заслужуваат тоа – истакна Герасимовски.
Како што наведуваат од Општина Центар на финалната буџетска сесија имало предлози и од областа на образованието, како што се: дигитализација на училиштата, отворање научно-компјутерски центар, промоција и наградување на училишниот спорт, а се расправало и за проблеми како што се паркирањето, бучавата од клубовите, узурпирањето на јавниот простор од страна на дуќаните и кафулињата.


