БРО: Основните училишта ќе добијат опрема за кабинетите по природни науки

Прв отказ поради одбивање вакцина против коронавирус во училиште во Хрватска./ Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Професори од Природно-математичкиот факултет прават проценка за опремување на кабинетите по природни науки во основните училишта согласно со реформите со новата Нацрт-концепција за основно образование, соопшти Бирото за развој на образование, чии претставници вчера учествувале на онлајн-состанок со раководители и професори од институтите на ПМФ, на кој се дебатирало за Нацрт-концепцијата за реформите во основно образование.

„На состанокот беше истакнато дека како и сите останати процеси Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование низ широка консултација и на транспарентен начин го водат процесот на носење на новата концепција за основно образование. Целта на предложената концепција е преку примена на современ модел на основно образование да создадеме идни генерации граѓани коишто ќе носат решенија врз основа на анализа на факти и критички ќе размислуваат. Концепцијата е само рамка како го замислуваме образовниот модел, а по нејзиното усвојување ќе следува процес на изработка на наставните програми во кои ќе бидат вклучени експерти од сите области кои се дел од наставата, вклучувајќи ги и природоно-математичките науки“, соопшти Бирото за развој на образованието.

На состанокот, додава БРО, било посочено дека професори од ПМФ се веќе вклучени во проценувањето на потребите на училиштата за опремување со современи наставни и нагледни средства на јазиците на кои се изведува наставата по природни науки, како и со литература соодветна за возраста на учениците, што многу ќе придонесе за успешна реализација на реформираните наставни програми во основното образование.

„Министерството за образование и наука во соработка со Природно-математичкиот факултет од Скопје и стручните служби на Бирото за развој на образованието, започна со проценка на потребите и детално специфицирање на опрема и нагледни средства потребни за квалитетно изведување на наставата по предметите од подрачјето на природните науки во основното образование. Опремувањето на основните училишта се планира да почне во првата половина на 2021 година и ќе се прави преку Проектот за унапредување на основното образование финансиран од Светска банка“, наведува БРО.

Една од главните цели на проектот, додава Бирото во соопштението, е унапредување на средината за учење во основните училишта, со особен акцент на креирање мултифункционални училници, кабинети опремени со модерна информатичка технологија и лаборатории за природни науки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот