Брнабиќ за Пицула: Не знаев дека е психијатар-аматер
Претседателката на српското собрание и поранешна премиерка, Ана Брнабиќ, оцени дека тврдењата на известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, за ситуацијата во Србија и за претседателот Александар Вучиќ, покажуваат дека Пицула „се однесува како психијатар-аматер“ и додаде дека е „убаво што го разјаснил изворот на својата ароганција“.
Препорачано
„Дури сега разбрав дека тој е само длабоко несигурен човек и дека сите треба повеќе да внимаваме на неговите деликатни чувства. Од почит кон Европскиот парламент, тоа ќе го имам на ум. Следниот пат кога ќе го посети, ќе му понудиме топла прегратка и чаша млеко“, додаде Брнабиќ на мрежата „Икс“.
Коментирајќи ги изјавите на хрватскиот европратеник дека Србија во моментов е многу поларизирана земја и дека минува низ сериозни политички кризи, Брнабиќ изјави дека има поделеност, како и во секоја демократска земја во ерата на социјалните мрежи.
„За среќа, сè уште не сме стигнале до точката премиерот да го нарекува претседателот на Републиката „шмркач“ (наркоман), а претседателот на Републиката да го нарекува премиерот лажго, бедник и нилски коњ, како што е случајот во земјата од која доаѓа Пицула. И се надевам дека никогаш нема да го направиме тоа“, рече Брнабиќ.


