Брисел со нова политика кон Сирија, можно e затоплување на односите
Европската унија (ЕУ) планира да ги обнови политичките односи со Сирија и да ја продлабочи соработката во областите на трговијата, безбедноста и миграцијата, се наведува во документ на дипломатската служба на ЕУ во кој увид имал Ројтерс.
Препорачано
Според планот, ЕУ ќе започне формални политички разговори на високо ниво со сириските преодни власти во мај, што претставува значајна промена во политиката по години замрзнати односи.
Документот, исто така, предвидува „преобликување и прилагодување“ на режимот на санкции, додека се задржува можноста за користење мерки против актерите за кои се вели дека ја попречуваат политичката транзиција.
Сирија, управувана од претседателот Ахмед ал-Шара по соборувањето на Башар ал-Асад кон крајот на 2024 година, се стреми да се реинтегрира во меѓународните односи и да привлече инвестиции за реконструкција по години војна.
Планот на ЕУ вклучува и зајакнување на економската соработка преку рамки за трговија и инвестиции, како и поддршка на реформите за подобрување на деловната клима и мобилизирање на приватен капитал. Посебен дел од стратегијата се однесува на миграцијата, вклучително и соработката со Дамаск за „безбедно, доброволно и достоинствено враќање“ на сириските бегалци од Европа, каде што моментално живеат повеќе од еден милион.
Во областа на безбедноста, ЕУ разгледува соработка во обуката на сириските полициски сили, зајакнувањето на институциите и борбата против организираниот криминал и тероризмот, како и поддршката на спроведувањето на договорот меѓу сириските власти и курдските структури на североистокот од земјата. Документот, исто така, укажува на пошироката стратешка улога на Сирија како транзитен центар за регионални енергетски и транспортни проекти, особено во контекст на промените во снабдувањето со енергија и инфраструктурните коридори на Блискиот Исток.


