Брисел не му верува на етно-фолклорот

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Го гледам некни скромниот протест на Алијансата и Алтернативата, низ главните улици на Скопје, по повод „изборните крадења“ на ДУИ. Во дефилето гордо размавтани десетици албански бајраци, меѓу нив и повеќе европски и американски, но ниту едно македонско државно знаме.

За жал, тоа е провинцискиот дух со кој Зијадин Села и Африм Гаши, многу веројатно, ќе влезат да партиципираат во составот на новата македонска влада. Таа задушлива националистичка ситничавост, всушност, симболично говори за нивното темелно неразбирање на правецот во кој треба да се движи државата во конкретното реализирање на новата, евро-атлантска фаза од своето постоење.

Но, тоа говори и за „долгата сенка“ што ДУИ ја „фрла“ врз Алијансата на Албанците и Алтернативата, терајќи ги да се натпреваруваат во „лажната трка“ за докажување на тоа кој меѓу нив е „поголем Албанец“ од другите, цврсто држејќи ги само на политичките „шини“ на „националната кауза“. Следствено, Села и Гаши не смеат ни симболично да извадат барем едно македонско државно знаме, бидејќи се плашат да не им биде доведен во прашање албанскиот националистички кредибилитет во „нивната“ јавност, кај нивните етнички гласачи.

А овие од ДУИ се потврдени мајстори за тоа, бидејќи имаат по неколку резервни националистички трикчиња во двата ракави, а во секое доба од „шеширот“ дополнително вадат „двоглави орли“ за секаква магионичарска квази-политичка употреба. Па, кој може да му ги оспори угледот и заслугите на Али Ахмети за националната кауза, кога и по дваесет и кусур години го канат во Хаг да објаснува детали врзани за делови од својата угледна герилска биографија!

Значи, таа „битка“ со ДУИ за Алијансата и Алтернативата ќе биде засекогаш однапред загубена. Џабе им се и дупло повеќе развеани албански знамиња, ако тоа им е темата.

Напротив, европската интегративна агенда што ни претстои ќе бара од нив партиципација во власта што треба да подразбере компетентност и желба за работа во области кои подразбираат реформи често и без никакви етнички аспекти. Во Брисел им е сеедно како се вика министерот што седи отспротива во преговорите, ако не е способен да раководи со ресорот што го предводи. Впрочем, нашите евро-атлантски партнери подобро ја разбираат ургентната потреба од, да речеме, порамномерниот регионален и општински развој во Македонија или неопходноста од квалитетно образование, од кој било овдешен, наш, национален претставник во преговорите. Во Брисел се одамна измислени, а и испиени, сите фолклорни „топли води“ на кои ние не можеме ни да се сетиме.

Таму, и во ЕУ и во НАТО, „виси“ македонското државно знаме. За тие што не можат тоа знаме да го веат, има доволно меани и чајџилници во Македонија, за во нив, со ладно пивце или со топло чајче, до бескрај да се бистрат провинциските етно-политики, под извезените краци од Кутлеш или под крилјата на орлите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот