Брисел ѝ се закани на Албанија: Проектот на зетот на Трамп може да го загрози патот кон членство
Европската комисија ја предупреди Албанија дека контроверзниот туристички проект во заштитеното подрачје Валона-Нарта, кој се поврзува со бизнисменот Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, би можел да влијае врз нејзиниот напредок на патот кон членство во Европската Унија, објавија албанските медиуми.
Препорачано
Предупредувањето доаѓа во период кога во Албанија веќе неколку дена траат протести против изградбата на луксузен туристички комплекс во регионот, кој е познат по богатата флора и фауна, вклучувајќи фламинга, медитерански мечки и морски желки.
Од Европската комисија порачаа дека Албанија треба да се воздржи од активности кои би можеле да го загрозат исполнувањето на условите од Поглавјето 27, кое се однесува на животната средина и климатските промени.
Брисел побара од албанските власти целосно усогласување на законодавството со европските правила за заштита на природните живеалишта и птиците, како и укинување на измените во Законот за заштитени подрачја и преиспитување на Законот за стратешки инвестиции.
Според Европската комисија, албанскиот министер за животна средина Софјан Јаупај информирал дека работите на проектот се стопирани и дека ќе биде спроведена процена на влијанието врз животната средина со учество на граѓански организации.
Во меѓувреме, Специјалното обвинителство за борба против корупцијата во Албанија отворило истрага за промените на статусот на заштитеното подрачје и сопственоста на земјиштето поврзано со проектот.
Протестите, кои организаторите ги нарекоа „Револуција на фламингата“, добија поддршка и од албанската дијаспора во повеќе европски градови и во САД.
Албанија, заедно со Црна Гора, се смета за една од најсериозните кандидатки за членство во Европската Унија од Западен Балкан.
ВИДЕО | Иванка Трамп долеа масло на огнот на протестите: Албанскиот остров Сазан е приватен
Албанија врие поради проектот на зетот на Трамп — Рама обвинува за хибридна војна


