Бошњаковски за СП: Моќта за проширувањето не е во Брисел, туку во големите членки

Владимир Бошњаковски
Владимир Бошњаковски/Фото: Слободен печат

Аналитичарите не очекуваат голем ефект од посетата на претседателката на Европската Комисија Фон дер Лајен во однос на конкретни чекори за евроимтеграцијата на регионот. Според политикологот Владимир Бошњаковски, поминато е времето кога став или изјава на некој претставник од ЕУ треба да се доживува сериозно, ако тој став е во врска со меѓународната политика и проширувањето на ЕУ.

– Особено во последните години се докажа дека Брисел нема никакви ингеренции или реална моќ за овие прашања. Интересите и визиите на главните градови на членките диктираат како ќе изгледа надворешната политика и проширувањето на ЕУ. За жал, токму столиците на моќните земји-членки се главни противници на проширувањето. Затоа посетата на претседателката на ЕК, г-ѓа Фон дер Лајен, која лично имав можност да ја запознам во Берлин кога беше министер за одбрана, треба да се анализира повеќе низ призмата на „поздодевните“ аспекти на нашиот однос со ЕУ, како инфраструктурното поврзување, поддршката за развој, безбедносната соработка, справувањето со ковид-кризата, менаџирањето на тековните политички збиднувања и сл. Ова уште повеќе важи за каква било посета на г-дин Оливер Вархељи кој иако доаѓа од Унгарија, која е огромен поддржувач на проширувањето на ЕУ затоа што смета дека така ќе придобие повеќе сојузници во нејзиниот блок внатре во ЕУ, тој нема некоја значителна моќ да ги менува ставовите за големите земји членки – вели Бошњаковски за „Слободен печат“.

Во овој контекст, додава тој, единствена надеж за пробив во проширувањето може да дојде под притисок на САД.

– Имено, имам впечаток дека САД под администрацијата на Џо Бајден како една од клучните точки при подготовка за пресметка со Кина го има ставено тоа – да воведе ред во својот блок. Тука пред се спаѓаат старите членки на ЕУ кои САД ги смета за своја сфера на ексклузивен интерес и кои што за своето постоење и функционирање му се должни на САД кој ги ослободи во 1945 година и буквално ја плати нивната реконструкција – вели Бошњаковски.

Тој додава дека за САД е од големо значење да се затвори интеграција на регионот во ЕУ зашто ќе значи конечно решавање на Балканското прашање во кое инвестираат сериозни напори веќе 30 години. Бошњаковски предупредува дека кочењето на овие процеси што доаѓа од одредени земји-членки значи дефокусирање на САД во нивните поважни пресметки, но и рушење на нивниот кредибилитет како клучниот гарантор на преспанскиот и бугарскиот договор.

Во врска со Франција, која е следен претседавач со ЕУ од јануари 2022 година и каде идното лето треба да се одржат претседателските избори, Бошњаковски вели:

– За жал, Франција е една од државите кои што покрај што има сериозни внатрешнополитички мотиви да го кочи проширувањето, таа исто така е лидер на некој европски отпор према САД, па затоа и може да се претпостави дека ќе ги фрустрира нивните заложби во нашиот регион. Постои сериозно сомневање дека Бугарија е само „маша“ во оваа поголема игра. Со оглед дека Македонија е премногу мала да има било какво влијание на овие големи игри, таа треба да продолжи да се надева дека ќе се одблокираат процесите за интеграција во ЕУ, но да не троши многу време и енергија за остварување на таа надеж. Тоа време и енергија треба да се концентрира навнатре односно према самостојно решавање на своите внатрешни политички, економски, образовни, културолошки и други проблеми – заклучува Бошњаковски.

Претседателката на ЕК Фон дер Лајен е на турнеја во регионот, а денеска од Тирана порача дека

Северна Македонија и Албанија да ги започнат преговорите за членство во ЕУ што е можно поскоро, по можност до крајот на годината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот