Бошковиќ и Шекеринска во посета на Криволак: Вежбата „Одлучен удар“ завршува успешно

Фото: МИА

Министрите Шекеринска и Бошковиќ го изразија своето задоволство од текот на вежбата, која започна на 5 јуни, а завршува утре, 9 јули.

– Оваа вежба ќе биде не само најголема вежба во нашата држава, туку дефинитивно и една од најуспешните. И покрај големиот логистички предизвик, успеавме да обезбедиме добри резултати и во организацијата и во реализацијата на вежбата – рече министерката Шекеринска.

Министерката истакна дека како резултат на оваа вежба направени се две подобрувања и унапредувања на работата на полигонот „Криволак“ – реконструкцијата на железничкиот крак до полигонот, кој не бил реновиран од осумдесеттите години на минатиот век, како и постојаната контрола на животната средина при изведување на вежбата.

– Во соработка со железници, успеавме да го реновираме кракот на железничката пруга кој што доаѓа на Криволаки на тој начин да овозможиме најголемиот дел од транспортот во иднина да го реализираме преку железница, а не преку генералната патна инфраструктура. Тоа е добро за Армијата бидејќи сме поефикасни, меѓутоа тоа е и добро за државата, бидејќи ја ослободуваме државата од потребата да се користи патната инфраструктура за транспорт на вакво вооружување. Најголемиот дел од возилата на завршување на вежбата ќе заминат по железнички пат –  рече министерката.

Шекеринска информираше дека при извршените мерења на животната средина заедно со лабораторијата „АМБИКОН“ на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ и Институтот за јавно здравје, утврдено е дека активностите на вежбата немаат предизвикано штетни последици по природата и по граѓаните и нивното здравје.

Мониторингот на животната средина, рече министерката, ќе стане стандард при изведување на вакви вежби.

Црногорскиот министер Бошковиќ и честиташе на нашата земја за успешно спроведениот процес на пристапување кон Алијансата, за брзата динамика на ратификации и изрази очекување до крајот на оваа година, 30. земја – членка да седи како полноправен член на заедничката маса на НАТО.

Министерот Бошковиќ истакна дека сета соработка во одбраната ги потврдува заедничките интереси и заедничките вредности. За односот помеѓу Северна Македонија и Црна Гора, рече дека може да послужи како пример за многу други на просторот на Западниот Балкан.

– Црна Гора беше несебичен промотор на интересите на Северна Македонија кога станува збор за членството во НАТО, а денеска од страна на мојата колешка добив две студии кои покажуваат дека нема загадување на животната средина, на просторот каде што се изведуваат гаѓањата, што за нас е мошне значајно со оглед дека и кај нас е во план да се отвори еден полигон и е од голем интерес на јавноста – рече Бошковиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот