Борче Христов ќе го води Пелистер во новата сезона
Пелистер го промовираше Борче Христов за нов шеф на стручниот штаб, откако двете страни потпишаа двегодишен договор. Пред новиот стратег е поставена јасна цел – враќање на битолскиот клуб во Првата македонска фудбалска лига.
Препорачано
Христов зад себе има богата тренерска кариера, работејќи во повеќе македонски клубови, меѓу кои Тиквеш, Борец, Работнички, Еуромилк Горно Лисиче, Македонија Ѓорче Петров и Шкендија. Покрај домашното искуство, тој беше дел и од стручните штабови на азербејџанските Карабах и Зира.
Од клубот изразија задоволство од постигнатиот договор, истакнувајќи дека Христов е тренер со докажан квалитет, богато искуство и јасна визија за развој на екипата.
„Со големо задоволство ја информираме јавноста дека со Борче Христов потпишавме договор на две години, со јасно дефинирани цели и амбиции за периодот што следува. Станува збор за тренер со богато искуство во македонскиот фудбал, но и со значајно меѓународно искуство, кој во својата кариера бил дел од повеќе успешни проекти. Веруваме дека неговото знаење, карактер и визија ќе бидат клучни во остварувањето на нашите цели“, порачаа од Пелистер.
Воедно, битолскиот клуб најави дека подготовките за новата сезона официјално ќе стартуваат на 9 јули.


