Бора конечно ќе го најде својот мир!

Борa Ѓорѓевиќ/Фото: Марина Пешиќ

Морам на један подужи излет
Долазим опет, то није проблем.
Ма, то је растанак само на изглед,
Зато без суза, кад једном одем…

Агенциската вест во која никој не сакаше да поверува, иако, веќе две недели тоа и се очекуваше, затоа што неговата здравствена состојба беше тешка, е дека безмалку два месеца пред да го прослави својот 72 роденден (на 1 ноември), овој 4 септември почина најголемиот српски рокер и еден од најголемите југословенски музичари Борисав Ѓорѓевиќ, во народот познат како Бора Чорба.

Бора војувал сам!

Еднаш седевме во тогаш омиленото му место во Белград, ресторанот „Мали Таш“, којшто тој го нарекуваше „Код Тозе Грка“, оти на времето таму се збирале грчките шверцери, и ми објаснуваше…

– Луѓето грешат, мислат дека сум Борислав, но, јас сум Борисав. Разликата е во едно „л“.
Борислав се бори за слава, а јас војувам сам! – раскажуваше фронтменот на „Рибља чорба“.

Го запознав во сега далечната 1987, по концертот во Скопје, каде го промовираше романтичниот албум „Ујед за душу“.

Ноќта по концертот, ја мина во друштво на Оливер Мандиќ. Ловеа риби на Вардар.
Сабајле го начекав пред „Бристол“, кога „делумно пијан“ се враќаше во хотелот. Цела ноќ „форсираа коњак“. Како во песната…

Кога беше млад…

Кариерата на Бора и неговата „Рибља чорба“ е веќе длабоко во меморијата на сите негови фанови. И не само фанови – на сите од овие простори на кои им значи музиката.
Роден е во Чачак, па сосема логично првите тинејџерски состави му беа од таму: „Хермелини“, „Дечаци са Мораве“, „Весници љубави“, „Сафири“…
По преселувањето во Белград, веднаш се најде во музиката: „Заједно“, „Хајдук Станко и јатаци“, „Сунцокрет“ и „Рани мраз“.

Тоа со „Сунцокрет“ и „Рани мраз“ веќе беше сериозна работа. Но… „Сунцокрет“ го навредија, оти не им се допадна неговата „Лутка са насловне стране“.

– Текстот може да помине, но музиката е ужас – беше нивното мислење, по што видно лут ги собра пљачките, па некое време се скраси во „Рани мраз“ со Ѓорѓе Балашевиќ.

Борa Ѓорѓевиќ/Фото: Марина Пешиќ

Подоцна се правдаше дека половина од времето бил пијан и не се ни сеќава на ништо.

Сѐ до 15 август 1978, кога во ресторанот „Шуматовац“ во Белград со членовите на групата „С.О.С“ – Миша Алексиќ, Рајко Којиќ и Вицко Милатовиќ ја основаа „Рибља чорба“.
Тројцата од таа оригинална постава веќе не се живи.

Институција на рокенролот

Од денешна перспектива, „Рибља чорба“ е институција на југословенскиот рокенрол.
Во 46 години, колку што постоеше бендот, објавија 20-тина студиски албуми, од кои некои се вистинските ремек дела на југословенскиот рокенрол – „Покварена машта и прљаве страсти“, „Мртва природа“, „Бувља пијаца“…

Во песните, речиси и да нема ситуација од животот која не ја опеал. Со „прост“ речник на обичен човек: во „Остани ѓубре до краја“ пееше за доследноста и во љубовта и во животот, во „Добро јутро“ за горчината од љубовниот пораз по една непроспиена ноќ, а во „Кад ти се на главу сруши читав свет“ за чувството на „измочан цвет“ во која катадневно запаѓа човекот.

Во „Равнодушан према плачу“, од албумот „Вечерас вас забављају музичари који пију“, пред точно 40 години ја најавил својата смрт. Тоа беше и насловот на неговата прва стихозбирка…

„Готова је моја мука, па се смејем из сандука…“, поентирајќи со „Не може ми ништа шљам“.
Темата „смрт“ беше честа и на подоцнежните остварувања на „Чорба“.

Во „Коприва“ пееше:

Хоћу да ме покрива
Љута коприва
И понеки маслачак
Да ме подсећа на Чачак.

Беше суров и кога се шегуваше на своја сметка…

Седи певач у кафани
Дани су му одбројани…
Кад је једног дана уст’о
У моменту је посуст’о
И на патос се срушио
И тако је попушио

Сви су били на сахрани
Певач није у кафани
Објавила Политика
Брдо слика покојника
Добио је целу страну
Ал’ не може у кафану.

Зад Бора Чорба останаа антологиските текстови: „На западу ништа ново“, „Пекар, лекар, апотекар“, „Ја ратујем сам“… и најголем од сите „Погледај дом свој, анѓеле“, која беше прогласена за најдобра песна во југословенскиот рокенрол.

Своите стихови Бора ги објави во десетина книги поезија, од кои некои го имаат култниот статус, а често ги раскажуваше во живо, што беше забележано на аудио-касетата „Бора прича глупости“, објавена во 1988-ма. Компакт-диск варијанта со иста програма, објавена десетина години подоцна, денес веќе се продава по цена од 100 евра и повеќе.

Борa Ѓорѓевиќ/Фото: Марина Пешиќ

Секогаш со својот народ

Постојано обожуван и оспоруван, непријателите кои со годините ги имаше сѐ повеќе ликуваа дека тој е единствениот човек од овие простори кој во својот живот успеа да влезе во легенда, и да излезе од неа.

Мислам дека не го разбираа до крај. Дека не можеа да го проголтаат фактот дека Србија ја сакаше над се. Дури и на прашањето од писателот, поетот и критичарот Ѓорѓе Матиќ во мрачните 90-ти, кога не се одвојуваше од чашката: „Зошто ја одбрал страната, кога неговите песни ги сакаа сите народи од овие простори“, Бора кажал: „Сакав да бидам со својот народ“.

И никогаш не криеше дека е „првата будала која би загинала за своите идеали“, како во песната „На западу ништа ново“ од култната „Мртва природа“ од 1981 година. Своите стихови дури ги бранеше и во судска постапка за ,, вербален деликт,, и излезе како невин.

Само без солзи…

Во годините на распадот на СФРЈ планираше да се повлече од музиката. Тоа го најави во несреќната 1992-ра, праведајќи се дека не сака да сними баксузен 13-ти албум, а „Лабудова песма“ беше нивен дванаесетти лонг-плеј. Тврдеше дека лебедот кога ќе го насети својот крај, наубаво пее.

На радоста на фановите кариерата продолжи уште 30-на години, во кои беа снимени уште осум албуми.

Последниот „Љубав и смрт“ снимен околу короната, долго време одбиваше да го објави, па сега веќе го има тестаментален статус. Таму е и волшебната „Очи малог пса“, со која го почнав овој текст. Соочен со болеста, знаејќи дека се ближи крајот, вети дека ќе се врати… „Ма, то је растанак само на изглед, зато без суза…“

Бора Чорба како плодоносен автор во својата кариера оствари безброј соработки, па неговите песни ги пееа и Ѓорѓе Марјановиќ и Душан Прелевиќ, Здравко Чолиќ, Маја Оџаклиевска, Биља Крстиќ, Оливер Мандиќ, Викторија, „Кербер“, Жељко Бебек, Тоше Проески… Пееа дури и Тозовац, Шабан Шаулиќ и Цеца.

Со Горан Бреговиќ за „Бијело дугме“ ја снимија „Педикулис пубис“, а на култниот „Пакет аранжман“ ги пееше придружните вокали во пезната „Златни папагај“ на „Електрични оргазам“. Работеше музика за ТВ и театар, од кои посебно се издвојуваат филмовите „Тесна кожа“ и „Тамна је ноќ“, мјузиклот „Лутка са насловне стране“…

Боки, се гледаме…

Еден од првите концерти во Скопје, во периодот после короната, „Авалон продукција“ го направи со „Рибља чорба“. И по стар, добар обичај, кога започна рекламата, почнаа негативните коментари на социјалните мрежи: „Па, кај ги најдовте“, „Па тој диносаурус“, „Тој никаде веќе не свири, само кај нас го каниме…“ и сл…

Напишав текст објаснувајќи дека неговото дело е преголемо, дека нема некој од овие простори, кој на било каков начин не е допрен од некоја песна која ја напишал Бора. Директно или индиректно. Ако не лично, можеби некој си чичко, вујко тетка…, татко и мајка се вљубуваа со „Немој среќо…“, раскинуваа со „Добро јутро“, патеа со „Када падне ноќ“…
И, ако се стави на еден тег на вагата на сите негови безвременски песни, а на другиот се што му се ставаше на душа – национализмот, алкохолизмот и другите пороци, и тоа што сакаше да биде со својот народ – песните и неговото дело ќе претежнат.

Некој му прати линк од таа моја објава, и пред концерт ми се јави од Љубљана, каде ги живееше последниве години…

– Иван, фала ти што ме браниш – ми кажа, кога је кренав слушалката.
– Боро, не те бранам јас, те бранат твоите песни – му кажав, откако пријателски се изназборевме. Тоа го мислев и тогаш, тоа го мислам и сега.
Како во песната, „тињата ништо не му може“.

Борa Ѓорѓевиќ/Фото: Марина Пешиќ

Бора достоинствено го испеа својот блуз и како што најави дека сака да умре, така и почина. На сцената. До последен момент пееше. И болен, и без дозвола од лекарите. Кога видов летово дека концертите се откажуваат, знаев дека не е како треба.
Од последниот концерт замина во болница, од таму во вечноста. Да го најде својот мир.

Не паметам дека толку многу луѓе, како денес, ми се јавија да ми кажат колку им е жал, колку ќе ни недостасува, да ми изјават сочуство…Ми направија комплимент. Да, Бора беше дел од моето семејство, на еден посебен начин. Затоа ја разбирам таа грижа. Иако бев подготвен на најлошото, емоциите ме начекаа слаб.

Со менаџерот Саша Драгиќ, кој еден период беше официјален менаџер на „Рибља чорба“, во нивната „Ал Капоне фаза“, се присетивме на едно поубаво време…

– Бора го гледав на првиот настап на „Рибља чорба“ во Белград, во Домот на младите. Седев буквално на два метри од Бора и следев со колку енергија и се посветуваше на свирката и публиката. На гитарата пукна една жица, но тој продолжи, како ништо да се немаше случено. Цврстата решителност и вербата што тогаш ја имаше – остана цел живот да го следи. И во кариерата, кога ќе му пукнеше некоја жичка, продолжуваше понатаму. И беше во право. Некои песни ќе бидат вечни. И нека му е вечна славата – изјави Драгиќ за „Слободен печат“.

Неговото заминување е голем губиток за рокенрол сцената на овие простори, за фановите кои го сакаа, за неговата Србија, но и земји од окружувањето. За Македонците и другите кои му се восхитуваа. Најголем е за неговите деца, Тамара и Борис, за неговата Дубравка, трета законска жена и љубовта на животот, за неговата „Рибља чорба“, роднини и пријатели.
Но, песните остануваат. Тие се одамна обнародени кај публиката. Како фрази ги изговараме и пееме. И им се восхитуваме…

Боки, се гледаме! Солзите се ОК, не ме зезај. Легендите не умираат, како и оние наши разговори кои не ги заборавам.
А на следното одење во Белград, ќе поминам „Код Тозе Грка“. Како ми кажа тогаш – „Сине, ова е најдобрата кафеана, затоа што е најлоша“. И една лоза за твоја душа, Боро, мајсторе!

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот