„Бонд“ девојката Катерина Мурино стана мајка на 47 години
Италијанската актерка Катерина Мурино, најпозната по улогата во филмот „Казино Ројал“ (Casino Royale), го доби своето прво дете на возраст од 47 години, по долгогодишна болна борба со неплодност, два спонтани абортуси и исцрпувачки циклуси на вештачко оплодување.
Препорачано
Мурино на социјалните мрежи со голема радост објави дека на 21 август, во 18.17 часот, се родил нејзиниот син Деметрио Танкреди Риго Мурино.
Во емотивната објава, таа напиша дека нејзините миленичиња, мачките Илитија, Херкул, Селена и Лето, добиле ново „братче“, а таа и нејзиниот партнер, францускиот адвокат Едуар Риго, се „пресреќни и подготвени за идните бессони ноќи“.

Ѕвездата, која во 2006 година ја толкуваше заводливата Соланж покрај Даниел Крег во првиот негов филм за Џејмс Бонд, одамна зборуваше за своите маки да стане мајка. Уште минатата година, на 46-годишна возраст, таа искрено изјави: „Не е каење, туку болка што немам деца. Понекогаш мислам дека оној што дели чуда – ме заборавил“.
Но, чудото сепак се случи. Во интервју за францускиот магазин „Гала“, актерката откри дека успеала да забремени со ин-витро оплодување и дека овојпат бременоста поминала мирно и без компликации: „Немав дијабетес, немир или несоница – сè беше како подарок“.


