Бојку: Победата над Будуќност треба да биде мотив да продолжиме уште посилно
Струга Трим Лум триумфираше во првиот натпревар од второто квалификациско коло во Конференциската лига во Охрид над црногорскиот Будуќност со 1:0. Возвратниот дуел ќе се игра во Подгорица на 1 август од 21.00 часот.
Препорачано
Победата над Будуќност го задоволи и тренерот на македонскиот шампион Шпетим Дуро, кој на прес-конференцијата зборуваше со суперлативи за тимот, иако признава дека неговите играчи требало подобро да реагираат, особено во првото полувреме, кога создадоа многу шанси.
– Победата во европските натпреварувања е многу важна и тоа го постигнавме, не само со резултатот, туку и со играта. Во првото полувреме екипата беше подобра, посвежа, можевме да постигнеме повеќе голови. Второто полувреме беше повеќе за контролирање со резултатот, имавме малку шанси, не како во првото полувреме, но важно е што дојдовме до поволен резултат – рече Дуро на прес-конференцијата пред новинарите.
Стратегот го радува фактот што Струга Трим Лум важи за фаворит пред тим како Будуќност, кој зад себе има стотици европски натпревари, додека струшкиот тим го одигра само петтиот натпревар во Европа.
И фудбалерот на струшкиот тим, Бесмир Бојку вели дека победата е многу важна.
– Секако дека денешната победа е многу важна, бидејќи се работи за европски натпревар, мислам дека ова треба да ни даде дополнителен мотив да продолжиме уште посилно, да ги бараме следните победи, а зошто да не бидеме уште подобри во следните натпревари. Можевме да постигнеме повеќе од еден гол, мислам дека на реваншот ќе нè следи среќата и дека ќе реализираме повеќе голови – вели Бојку за кого ова беше 20 јубилеен меч во европските клупски натпреварувања.


