Бојкотот во ОУ „Лазо Ангеловски“ поради проблематичниот ученик заврши – ќе биде преместен во друго училиште за 2 недели

Родители на ученици од ОУ „Лазо Ангеловски“ во скопската населба Аеродром три дена мирно штрајкувале во холот на училишната зграда, а нивните деца не оделе на настава, затоа што проблематичниот ученик со кој проблемите траат повеќе од една година – бил вратен на настава со физичко присуство.

Постоеше обид детето да биде префрлено во центарско основно училиште, но и таму родителите протестираа и не дозволија да се случи трансферот. Родителите своите дејства ги оправдуваа со тоа што нивните деца трпеле физичко насилство, а самите вработени во основното училиште „Лазо Ангеловски“ не знаеле и не можеле да се справат со поведението на третоодделенецот.

Во понеделникот, според информации на „Слободен печат“ кога родителите на штрајкот се собрале во холот на училиштето, викнале и полиција поради закана што им била упатена.

Но, денеска после тридневниот бојкот, учениците се на настава а родителите повеќе не протестираат. Причината е во тоа што вчера Советот на родители при ОУ „Лазо Ангеловски“ добил известување во кое што стои дека Министерството за образование и наука формирало интердисциплинарна комисија и дека проблематичниот ученик само уште 2 недели ќе биде во тоа основно училиште.

Во комисијата членуваат директорката на училиштето, претставници од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, претставници на Државниот просветен инспекторат и на Бирото за развој на образованието и градоначалникот на Аеродром.

На состанокот се дискутираше во врска со преземените активности со цел надминување на состојбата со однесувањето на ученикот. Од состанокот се донесе заеднички заклучок во интерес на останатите 13 ученици да не изостануваат од настава со тоа што од 27 јануари 2025 година, понеделник, ученикот ќе биде придружуван од страна на стручни соработници (педагог и психолог од други училишта со согласност од Општина Аеродром) со скратен временски престој на училиште од 7 и 30 до 9 и 30 часот според план на активности изработен по насоки на МОН, пишува во известувањето до советот на родители до кое дојде „Слободен печат“.

Според известувањето, ова било привремено решение за период од 2 недели во кое време Министерството за образование и наука задолжително ќе подготви училиште надвор од општина Аеродром за преместување на ученикот.

Родителите на ученици од ОУ „Лазо Ангеловски“ со кои разговаравме се скептични и несигурни дека планот на МОН ќе се оствари.

-Не знам што да мислам, освен дека и во следното училиште ќе бојкотираат, вели мајка со која разговаравме.

Во ОУ „Лазо Ангеловски“ во скопски Аеродром во првото полугодие имаше ист ваков бојкот но го поддржаа сите ученици. Станува збор за најголемото училиште во Скопје, каде неколку денови 1500 ученици останаа дома. Потоа пред новогодишните празници и распустот, Министерството за образование и наука реши ученикот наставата да ја следи онлајн. Сега со известување до родителите, им се ветува дека неговиот престој во училиштето ќе биде уште 2 недели и тоа во период од 2 часа дневно во придружба од психолози од други установи.

Родителите тврдеа дека проблемот има генеза, историја и изразија незадоволство од работата на Центарот за социјални работи, како и од педагошката служба. Велеа дека се правеле обиди во минатото проблемот да се турка под тепих сè додека не ескалирал до степен повеќе да не може да се замижува пред него. Во училиштето на анкета секое одделение на крајот на 2024 година се изјасни за бојкот на наставата. Бојкот имаше и во центарското основно училиште „11 Октомври“. Таму директорката тврдеше дека дала согласност за упис на детето по редовна постапка, ама се пишманила затоа што добила информации за неговата историја кои дотогаш не ѝ биле познати.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска потенцира дека на детето мора да му се обезбеди образование, но и да се најде решение во интерес на сите засегнати страни. Според неа фокус на образовниот систем е детето, на кое, без разлика што и да му се случува во животот – треба да добие место во општеството.

Стручните служби препорачале ученикот да ја промени средината која во моментов во ОУ „Лазо Ангеловски“ повеќе не е издржлива за него, поради сите настани кои претходно се случуваа – во паралелката се отпишале повеќе ученици изминатите години, насилството било и вербално и физичко, а на него биле изложени и учениците и вработените. Центарот за социјални работи Скопје, неодамна на прашањето на „Слободен печат“ за тоа како изгледа листата на активности што ги презеле изминатите години во врска со овој ученик ни одговорија дека тоа е „тајна“ а дека одговараат пред раководно лице.

Во училиштето отворено се зборува дека во еден од инцидентите бил вклучен нож, како и соблекување во тоалет на ученичка која е под заштита на државата како бегалец од странска држава. Не само децата, туку и директорката била удрена, а наставничката била влечена за коса.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот