Богата програма во чест на Григор Прличев е најавена во библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид

НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид

Во рамките на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“, на 6 февруари во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, ќе биде одбележена 130-годишнината од објавувањето на книгата „Автобиографија“ од Григор Прличев.

Манифестацијата „Прличеви беседи“ ќе се одржи од 12 часот во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид. Добитник на наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема во 2023 година е поетот Славе Ѓорѓо Димоски за поетското дело „Денес“.

Во чест на славниот македонски поет и преродбеник наградата ја доделува НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, а одлуката за доделување на наградата едногласно ја донесе комисија во состав Милован Стефановски – претседател и Елизабета Шелева и Иван Додовски – членови.

Настанот „Охридска визита“ во охридската библиотека ќе започне во 13 часот со изведбата на неповторливата песна „1762 лето“ во инструментална изведба на КУД „Ѓердан од бисери“, а извадоци од Прличевата „Автобиографија“ ќе чита Даријан Ангелоски.

Беседа за Прличев под наслов „Григор Прличев – метонимија на македонската гордост и страдање“ ќе одржи професор д-р Елизабета Шелева.

– Од една страна, Прличев беше доволно умен, образован, даровит – за да може (повеќе од сите околу себе) во срж да ги согледа и непогрешливо да ги разлачи и докосне нештата во светот и околу себе, а потоа (по налог на својот личен комфор и мир) – пресметано да ги одмолчи и премолчи видените гадости и сторените туѓи неправди. Од друга страна, Прличев беше фрлен во вителот на балканските проклетства, социо-економски и културни асиметрии – кои НЕ му дозволија чесно и заслужено да ужива во плодовите на својот труд и талент, ами до крај да се јадосува и однатре да се премерува со остриот сатар на сопствената заповед (на прочуената негова максима) „Совршенство или смрт!“ – посочува проф. д-р Шелева во дел од беседата.

Младата студентка Алма Шемо од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, по потекло од Охрид, е годинашна добитничка на ласкавата награда за Најдобра беседа на распишаниот конкурс од страна на охридската библиотека под наслов „Како против пизмата?“.

Реч за наградената беседа ќе одржи професор Татјана Дурнева, претседателка на конкурсната комисија, а потоа, откако ќе ѝ биде врачена наградата, авторката Шемо ќе прочита извадок од беседата.

Свое обраќање на визитата во улога на домаќин ќе има и директорот на Библиотеката, м-р Милчо Јованоски, кој пред присутните ќе направи кус пресек на достигнувањата на установата меѓу двете одбележувања на патронатот. „Охридската визита“ во рамките на „Прличеви беседи“ е финансиски поддржана од Министерството за култура и Општина Охрид.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот