весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Блазе си им на тие со печки на дрва

Енергетичарите од стариот „ков“ велеа дека енергетската стабилност и самостојност е една од најзначајните алки за економијата на државата и дека нејзиното разнишување е катастрофа.

Сè ми се чини дека енергетската транзиција, со должна почит кон животната средина, ќе се претвори во едно големо фијаско. Ова сè повеќе се огледува и во цените на берзите на струја и во произведените количини. Сега, дури и водечката европска економија Германија почнува со обука на населението – што да прави ако подолго време нема струја, како да готви, како да се загрее… Како што е познато, Германија затвори и нуклеарни централи и рудници на јаглен. Македонија го почна својот пат кон зелената транзиција. За тоа добиваме фалби од сите страни. Нè пофалија и Европската комисија и Светската банка. Но, искусни енергетичари велат дека тој пат ќе биде трнлив, а и кога ќе го изодиме, ќе стигнеме до несигурни извори на енергија – ниту ветерниците ниту капацитетите на сончевата енергија може да бидат 100-процентно искористени. Добра алтернатива е гасот, но како светот се преориентира кон него, така расте и неговата цена. Плус, таму има една постојана „студена војна“ за мерење сила на големите светски играчи. Хидроцентралите, пак, ова лето покажаа што значат климатските промени, едноставно како да ги нема…

Најголем дел од домашната струја потекнува од РЕК Битола. Тој „пали-гаси“ во земјава. Но, за многу работи се замижа пред силата на овој рударско-енергетски капацитет. Рудниците за јаглен „Суводол“ и „Брод Гнеотино“ веќе се исцрпуваат и нивниот животен век е некаде до 2030 година. Само рудникот „Живојно“ останува во најава. За него, пак, е направена студија и геолошко-технички истражувања уште во 2011 година за што се платени 2,8 милиони евра и според истражувањето во овој рудник има најмалку 100 милиони тони јаглен, а трите блока на РЕК Битола трошат 6 милиони тони годишно. Исто така, многу време потрошивме и на „натегање“ околу механизација за ископ на јаглен. Бизнисменот Сеат Кочан заврши во затвор за предметот „Труст“ поврзан со ископот на јагленот. Многу пари се одлеаја кон приватни фирми за изнајмување механизација и процените беа дека многу поевтино ќе беше да се купи. Од 2018 година ЕСМ почна да купува сопствена механизација, но во меѓувреме продолжи и со тендери за ископите. Што се однесува, пак, до ремонтите во термоцентралата изградена на почетокот од 80-тите години од минатиот век, често слушаме дека се прават интервенции, а за едниот блок за кој е најавено дека треба поголем ремонт, поради енергетската транзиција и згаснувањето на печките на РЕК Битола во 2040 година, јасно е кажано дека поголемиот зафат нема да се прави. Во меѓувреме и А-интегрираната еколошка дозвола за РЕК Битола остана само во најава, со одложени рокови.

Со ваква состојба ја дочекуваме зимата 2021 година. Во превод, со пофалби за почеток на енергетска транзиција и со крајна неизвесност за тоа дали и колку струја ќе имаме. Поразително прозвучи најавата на директорот на МЕПСО Куштрим Рамадани дека се можни рестрикции на струја! Неговиот колега од ЕСМ, директорот Васко Ковачевски, побрза да ја смири ситуацијата, велејќи дека не очекува да има рестрикции.

Кој ќе биде во право, не ќе може да се скрие, ќе видиме! Сега може само да се присетиме на изјавите на енергетичарите од стариот „ков“, кои велеа дека енергетската стабилност и самостојност е една од најзначајните алки за економијата на државата и дека нејзиното разнишување е катастрофа. Македонија има сè помало и помало производство на електрична енергија. Домашната струја оди во „ЕВН хоум“ која се грижи за домаќинствата. Компаниите одат на слободен пазар и купуваат од трговците со струја кои со години „калапеа“ големи разлики во цени. Но, сега цената на струјата на берзите стана трипати поголема од лани, а бидејќи тие прават договори со фирмите на одреден период, повлекоа кочница и не го прават соодветниот увоз. Во услови кога домашната и увезената струја заедно е помала од потрошената, јасно е дека од некаде доаѓа. Доаѓа од мрежите со кои сме поврзани затоа што струјата нема граници, системите се фатени рака за рака, но таквите интервентни увози чинат многу повеќе отколку струјата да се увезе по регуларен пат. Тука повторно се враќаме на трговците. Таква е регулативата…

Би било многу полесно ако се каже: „За секој случај, спремете ги печките на дрва“. Но, зградите што се градат одамна немаат оџаци, а и многумина ги заменија печките со инвертери. Останува само да се молиме на Бога цената на струјата на берзите да се намали, да се набави јаглен за поголемо домашно производство и некако да ја „протуркаме“ оваа зима. За до година, здравје!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот