Битиќи за успехот на македонските фудбалери: Победите доаѓаат само кога сме обединети во целта

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи на Фејсбук напиша како успехот на македонските фудбалери, кои се пласираа на Европското првенство во 2021 година, ни го покажува патот кои останатите треба да го следиме.

Изминативе 2-3 дена размислував за огромниот успех кој го направија нашите фудбалери, за пожртвуваната игра на Горан, Џани, Столе, Енис, Бобан, Аријан… и сите останати, кои гордо носејќи го македонскиот дрес покажаа како се сака сопствената татковина и како со одлична стратегија, паметна игра и многу напорна работа низ годините, го направија долгоочекуваниот сон – реалност. Конечно нашата држава да ја видиме на едно големо натпреварување, нешто за кое сме мечтаеле долги години.

Нивниот успех е само показател како со заедништво, сплотеност и посветеност се доаѓа до посакувани резултати и јасно ни го покажаа патот кој сите останати, во сите сфери на општеството, треба да го следиме.

Нашата татковина во моментов е соочена и со уште еден куп на други предизвици, малку поразлични од спортските, како што се здравствените, економските, политичките… но овој пат, целата нација е попаметна за искрата која ја доживеавме во четвртокот вечерта, кога фудбалери од сите краишта на државава, херои од сите етникуми, од сите возрасти, со сите свои различности… донесоа победа вредна ЗА СИТЕ НАС.

Нивните „суперхеројски” моќи ни требаат во секоја активност, во секој еден граѓанин, во секоја „опција”, за успешно да ги совладаме предизвиците!

Да почитуваме различна политичка припадност (или аполитичност), да почитуваме приврзаност кон различна економска школа, кон секоја различна идеја како треба да дојдеме до целта… разликите секако дека се битни, најмногу затоа што носат дополнителна вредност… но, крајно време е и тие наши разлики во различните сегменти на живеењето да ги ставиме во функција на заедничката цел: просперитетот на нашата држава и севкупно подобар живот на сите наши сограѓани. Заслужуваме да бидеме посреќни, горди, побогати!

Доаѓам од приватниот сектор каде 20-тина години сум имал прилика да работам и соработувам со стотици наши граѓани од сите краишта, сум ги видел нашите различности од сите агли… и знам, цврсто знам, дека постои сила во нашите граѓани да преминат преку сите можни различности ако препознаат заедничка цел, дека успехот и заедништвото секогаш им е поважен од поделбите.
Затоа под вашиот костум или работно одело, гордо носете го вашиот „победнички дрес”, секој ден, во секоја работа што ја правите, нека ви биде во срцето и нека ве потсетува секогаш дека победите доаѓаат само кога сме обединети во целта!“, напиша Битиќи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот