Биста на шведскиот поет Томас Транстромер е поставена во седиштето на СВП во Струга
Во спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга, каде што се наоѓа и седиштето на еден од најстарите и најпознатите меѓународни поетски фестивали „Струшки вечери на поезијата“, на 24 мај се одржа свечен настан по повод свеченото откривање на бистата на Томас Транстромер, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 2003 година.
Препорачано
Спомен-обележјето, чиј автор е академскиот вајар Сокол Цфарку, е донација за Струшките вечери на поезијата од страна на македонскиот иселеник во Шведска, Антонијо Трпeвски и неговата сопруга Пирко Т. Киленен.
На настанот присуствувале гости од Шведска, кои биле во организирана посета на земјава под водство на Антонијо Трпeвски и под покровителство на Дан Олофсон, познат шведски бизнисмен и филантроп, а исто така биле присутни членови на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата и истакнати претставници од културата.
Како специјални гости на настанот биле Миодраг Станковски, преведувачот на Томас Транстромер од шведски на македонски јазик и неговата сопруга Мариан Станковски. Миодраг Станковски во своето обраќање зборувал за предизвикот да се преведе повеќеслојната поезија на нобеловецот Томас Транстромер, кој ги третира вечните теми на животот, смртта и мистичното чувствување на природата. Тој евоцирал и спомени од настапот на Томас Транстромер како лауреат на Струшките вечери на поезијата во 2003 година. Мариан Станковски ја прочитал специјалната порака за овој повод од Моника Транстромер, сопруга на Томас Транстромер, којашто изразила задоволство од чинот на поставување на ова спомен-обележје.
– Ја имавме честа Томас Транстромер, големото име на светската поезија, да биде лауреат на Струшките вечери на поезијата, а имавме и среќа да го имаме извонредниот преведувач Миодраг Станковски, којшто мајсторски ја преведе поезијата на Транстромер од шведски на македонски јазик. Монографијата со избрани песни од Томас Транстромер е мостот што ги зближува нашите две култури и жив паметник на силата на поетскиот збор, како на авторот, така и на препејувачот. Од денес, имаме уште еден споменик отелотворен во ова прекрасно дело од нашиот истакнат акедемски вајар Сокол Цфарку, кој исто така мајсторски го долови ликот на Томас Транстромер – во своето обраќање истакнал Тодорче Тасевски, директор на СВП.
На настанот биле прочитани песни од Томас Транстромер на македонски и на шведски јазик, а помеѓу гостите од Шведска биле и музичари што го збогатиле настанот со својот настап.
Томас Транстромер е еден од најпознатите шведски поети. Неговата поезија се карактеризира со чувството на мистерија и на чудо под површината на рутината на секојдневието, што им дава една религиозна димензија на неговите песни. Роден е на 15 април 1931 година, а починал на 26 март 2015 година. Добитник е на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 2003 година, а добитник на Нобеловата награда за книжевност во 2011 година, известија од СВП.


