БиХ го игра финалниот меч за пласман на СП 2026: „Италијанците нема да нè потценат“
Фудбалските репрезентации на Босна и Херцеговина и Италија денеска од 20.45 часот во Зеница ќе играат во финалето од плејофот за пласман на Светското првенство што ова лето ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.
Препорачано
Босанците имаат можност да играат на Светското првенство по втор пат во нивната историја (дебитираа на Мундијалот во 2014), додека Италијанците сакаат да се вратат на најголемиот настан откако ги пропуштија последните две светски првенства.
Во редовите на босанската селекција владее одлична атмосфера по големата победа над Велс во полуфиналето. Постои умерен оптимизам и верба дека можат да ја остварат целта и да слават над својот голем ривал.
„Што сакаме? Победа, тоа е најважно. Секој натпревар носи нешто ново, Италијанците знаат против кого играат и ќе се подготват добро. Сакам да бидеме на нашето највисоко ниво и тоа е најважното. Италијанците ме познаваат добро, но и јас ги познавам повеќето играчи кои ќе играат, бидејќи играв со нив во Рома, Интер и Фиорентина. Познавајќи ги Италијанците, знам дека добро ќе нè анализираат. Италијанците нема да нè потценат, верувам дека нè почитуваат, знаат дека имаме квалитет, нема да им биде лесно бидејќи играме пред наши навивачи“, рече капитенот на репрезентацијата на БиХ, Един Џеко.
Покрај натпреварот меѓу Босна и Херцеговина и Италија, вечерва во истиот термин од 20.45 часот за пласман на Мундијалот, Чешка во Прага ќе игра против Данска, репрезентацијата на Косово ќе ја пречека Турција во Приштина, а Шведска е домаќин на Полска во Стокхолм.


