Биба Додева: Срам да ви е што им наплаќате на болните од рак партиципација!

Клиниката за радиологија им наплаќа партиципација на болните од рак, иако тоа не треба да го прави. За ова до редакцијата на ,,Слободен печат” претседателката на Здружението „Борка“, Биба Додева достави и писмени докази, фискални сметки со денешниот датум на нив, каде се гледа дека на пациентите што едвај фатиле термин за преглед, згора на тоа, им била наплатена и партиципација.

Да биде иронијата поголема, ова се случува на 13-тиот роденден на Здружението од каде изразуваат голема разочараност и револт од начинот на кој во време на пандемијата со коронавирусот, пациентите со малигни заболувања биле ставени во заден план, а скратени им биле и голем број на права да бидат лекувани, да бидат следени од страна на доктор, со што во огромен ризик е ставен нивниот живот, освен тоа што им е преидзвикан психолошки стрес.

– Со одлука во Службен весник од 29.12.2019 година број 277 е точно наведено дека пациентите со малигни заболувања се ослободуваат од партиципација. Но, ова до ден денешен е игнорирано, на штета на самите пациенти кои покрај за својата здравствена состојба, треба да се грижат и за ова, вели Додева за ,,Слободен печат”.

Пациентки со малигни заболувања кои до нашата редакција доставија фискални сметки, велат дека плаќаат партиципација и за ехо, и за мамограм и за рентген и за земање крв, генетско молекуларни анализи и тоа не само во Скопје, туку и во Штип и во други градови.

– Па добро, Клиника за радиологија, до кога ќе се правите наудрени и ќе им наплаќате на луѓето? Еве за кого не важат закони, на грбот на пациентите, а и сеуште нема термини за прегледи! Ајде да ги оставиме болните од рак да умрат, тоа ли треба?! Го претеравте. Лекувањето на пациентите со рак не зависи само од овие клиники, туку следењето на нивната болест зависи од дијагностичките процедури во останатите клиники. Што е со специјалистичките прегледи? Комјутерска томографија, магнетна резонанца, ехо и мамографски прегледи, пет скен, абдоминално ехо, снимање на белите дробови и други бројни процедури од кои зависи понатамошното лекување на оваа тешка болест.
Дали сте свесни дека веќе 4 месеци им е ускратено правото на сите останати пациенти коишто имаат други заболувања, особено најтешките со рак, да бидат правовремено лекувани и иследувани – прашува Додева.

Уште во мај во „Борка“ започнале активности со Клиниката за онкологија и со Црвен крст за дистрибуција на таблетарната терапија за малигно болните во целата држава, но болничкото и дијагностичкото лекување било на очајно ниво.

– Не верувам дека здравствените установи каде се вршат дијагностичките процедури, особено Клиниката за радиологија која и понатака не го почитува правото за ослободување од партиципација на овие пациенти, па уште и немаат термини и не може да изнајдат решенија, да направи реорганизација, нови протоколи за работа за да продолжат со следење на овие високо ризични пациенти. Дали немањето слух од страна на овие установи за малигно болните пациенти, значи дека залудно се направени толку многу позитивни промени во грижата за болните од рак? Дали знаете какво е чувстото кога имате рак, а не знаете до кога ќе го носите во себе, дали ќе се прошири и уште колку време ќе треба да чекате за операција? Дали знаете колкав е стравот со кој се соочуваат овие пациенти кога чекаат резултат – прашува таа.

Директорот на Клиниката за радиологија доктор Даниел Ѓурчинов за ,,Слободен печат” уверува дека проблемот со партиципацијата ќе биде во најбрзо време надминат. Запрашан зошто тогаш, утринава на пациенти со рак им била наплатена партиципација на неговата клиника, тој рече дека можеби некој службеник не знаел дека не треба да се наплаќа.

– Од Министерството за здравство побараа да не се наплаќа и донесовме таква одлука да нема наплата. Можеби некому му било наплатено инцидентно. Ако на некој пациент му било наплатено, нека дојде ќе му ги вратиме парите, ќе ја исправиме грешката. Но сакам да ви кажам дека не сме само ние и на пулмологија им наплаќаат, самите пациенти кажуваат. Ако не им наплаќаме, тогаш тој товар треба да го преземе Фондот, ни рече директорот.

Додева пак посочува дека ќе има тешки последици за општото здравје и опасност да се зголеми бројот на смртни случаи од ненавремено дијагностицирање, следење и лекување на пациентите со рак, доколку не почнат да функционираат здравствените установи за малигно болните пациенти.

– Препораките беа да се остане дома. Јас не познавам ниту еден пациент со рак кој не ја почитуваше оваа мерка. Сите. Знаете зошто? Затоа што оној момент кога се соочиле со ракот ѝ погледнале директно на смртта во очи. Овие се храбри пациенти и знаат што значи грижа за себе и своите најмили. Само затоа што овие најтешко болни пациенти, наши сограѓани ги почитуваат препораките, се грижат за себе и своите најблиски и стрпливо чекаат да дојде нивниот ред за контрола, дијагностика, операција, не значи дека треба да се игнорираат. Срам да ви е – рече Додева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот