Би-би-си му се извинува на Трамп за монтажата на емисијата „Панорама“, но одбива да плати отштета
Би-би-си му се извини на американскиот претседател Доналд Трамп за монтажата во документарецот „Панорама“, во кој беа споени делови од неговиот говор пред нападот врз американскиот Капитол во 2021 година, но го отфрли неговото барање за отштета.
Препорачано
Трамп во понеделникот изјави дека има обврска да ја тужи Би-би-си за погрешно претставување на неговите коментари во документарецот „Панорама“.
Тој, исто така, се закани дека ќе ја тужи Би-би-си за отштета од една милијарда долари доколку не го повлече контроверзниот документарец, не се извини веднаш и не понуди соодветна отштета до 22 часот по британско време во петок, 14 ноември.
Би-би-си соопшти дека монтажата на програмата создала погрешен впечаток дека Трамп директно повикал на насилни дејствија и додаде дека повеќе нема да ја емитува емисијата.
Трамп рече дека монтажата на „Панорама“ на Би-би-си го направила неговиот „прекрасен и многу смирувачки говор да звучи радикално“, нарекувајќи го „неверојатен и многу нефер“.
Во светлината на насилството што избувна на Капитол Хил во јануари 2021 година, Трамп се соочи со обвинувања за обид за промена на исходот од изборите во 2020 година, но тие обиди беа отфрлени откако тој ја победи Камала Харис на претседателските избори во 2024 година.
Една од последиците од скандалот „Панорама“ беше оставката на генералниот директор на Би-би-си, Тим Дејви, и директорката за вести, Дебора Тернес. „Претседателот на Би-би-си, Самир Шах, лично и пиша на Белата куќа за да му стави до знаење на американскиот претседател Трамп дека тој и корпорацијата длабоко жалат за уредувањето на говорот од 6 јануари 2021 година, кој беше прикажан во програмата“, изјави портпаролот на јавниот сервис.
Додадено е дека иако Би-би-си искрено жали за начинот на кој е монтиран видеоклипот, не се согласува дека постои основа за тврдењата за клевета.
Претходно денес, „Дејли Телеграф“ објави дека Би-би-си ги довело гледачите во заблуда пред две години со второ уредување на истиот говор на Трамп од 2021 година.
Одговарајќи на текстот на „Телеграф“, портпаролот на Би-би-си одговори дека корпорацијата се придржува до највисоките стандарди за уредување на програми и дека ќе ги истражи овие обвинувања.
Портпаролот на правниот тим на Трамп во оваа пригода изјави дека сега е јасно дека постои шема на клевета на претседателот на САД во Би-би-си.


