Без изненадувања во Суперлигата: Алкалоид и Пелистер лесно до убедливи победи
Алкалоид и Пелистер не се откажуваат од трката за титулата во ракометниот шампионат, откако во денешните натпревари од плеј-офот рутински ги оправдаа фаворитските улоги против аутсајдерите и така си ги задржаа теоретските шанси.
Препорачано
Тимот од Автокоманда убедливо го совлада Тиквеш со 40-25 и стигна до првиот триумф во оваа фаза, по претходниот пораз од Вардар и ремито со Охрид. Прашањето околу победникот практично беше решено уште по првите 30 минути, кога Алкалоид имаше сигурна предност од 20-12. Во второто полувреме само ја потврди доминацијата, не оставајќи простор за било какво изненадување. Најефикасни беа браќата Костески, Никола со осум и Ненад со седум погодоци.
Слично сценарио се одвиваше и во Бутел, каде Пелистер без многу проблеми славеше против домашниот состав со 41-25. Битолчани уште во првиот дел ја најавија убедливата победа, по што во продолжението рутински ја одржуваа разликата. Хаџиќ беше прво име со седум голови, додека искусниот Дејан Манасков додаде шест. Кај домаќините, Михајловиќ беше најефикасен со пет реализации.
Со новите бодови, Пелистер останува во игра за врвот и ја намали разликата зад Вардар на четири бода, но со одигран натпревар повеќе. Алкалоид, пак, е на четвртата позиција со 38 бодови, и натаму во обид да се замеша во битката за самиот врв.


