Бесими: Над 560 милиони евра од ЕИБ, ЕБОР и ЕУ за проекти во железничката инфраструктура

Фото: Министерство за финансии

Преку Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ и од ИПА програмата обезбедени се над 560 милиони евра што ќе се користат за големи инфраструктурни проекти во железничката инфраструктура. Петстотини милиони евра обезбедени за реализација на третата фаза од железничката пруга на Коридорот 8 кон Република Бугарија и 7,5 милиони евра за изградба на заеднички железнички премин на Табановце. Законските решенија за реализација на овие финансиски средства вчера беа усвоени во Собранието, а денеска за нив, министерот за финансии Фатмир Бесими разговараше со претставниците на овие две финансиски институции во земјава Фатих Туркменоглу на ЕБОР и Габриел Бјорн на ЕИБ.

Владата и Министерството за финансии силно се посветени на реализација на крупни инфраструктурни проекти кои ќе обезбедат развој на државата. Во таа насока посветено се работи на обезбедување финансиски средства за реализација на вакви крупни инфраструктурни проекти кои ќе имаат придонес во економскиот раст не само додека се одвива нивната реализација, туку и долгорочно преку нивното значење во поврзувањето и олеснувањето на транспортот. Затоа во последните неколку години во буџетите се проектираат високи износи на капитални инвестиции, кои годинава и следната се два пати повисоки во однос на 2020 година, порача Бесими.

Како што соопштија од Министерството за финансии, за реализација на Проектот за Железничкиот Коридор 8 – Фаза 3, делница од Крива Паланка до граница со Република Бугарија се обезбедени финансиски средства во износ од 175 милиони евра од ЕБОР и 175 милиони евра од ЕИБ. За реализација на овој проект се обезбедени и 149,2 милиони евра инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан – ВБИФ, како и грант од ИПА 2 во износ од 60,77 милиони евра. Со овој проект целосно ќе заврши изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8 до границата со Република Бугарија.

Во однос на проектот за изградба на заеднички железнички премин на Табановце, со Република Србија, обезбедени се средства во износ од 5 милиони од ЕБОР и 2,5 милиони евра грант од ВБИФ – се вели во соопштението.

Во наредниот, Министерството најави дека ќе се потпишат финансиските договори со ЕИБ и ЕБОР и ЕК за реализација на овие средства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот