Бесими – Денај: Се унапредува соработката со Албанија преку инвестиции во инфраструктурата

Северна Македонија и Албанија работат на подобро меѓусебно поврзување, преку проекти во енергетиката, инфраструктурата, како и олеснување на трговијата. Веќе се работи на интерконективното поврзување, а преземени се и повеќе активности за Коридорот 8, односно патно и железничко поврзување со Албанија. Активностите и можностите беа тема на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими и албанската министерка за финансии и економија Анила Денај остварена на маргините на Преспа Форум Дијалог во Охрид.

На патниот дел од Коридорот 8 веќе се работи на делницата Кичево – Охрид, а потпишан е и Меморандум за разбирање за проектна подготовка и изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани и Требеништа-Струга-Ќафасан.

Министерството за финансии, заедно со надлежните институции, презема активности за обезбедување средства за финансирање на проектот за изградба на железничка пруга Кичево-граница со Албанија, односно прва фаза делница Кичево-Струга.

Заедничкиот акциски план за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, значи развивање Регионален проект за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, кој ќе ги имплементира идентификуваните активности во секоја земја. Проектот е од регионален карактер и во првична фаза ќе ги вклучи Северна Македонија, Србија и Албанија, а понатаму ќе се приклучат Босна, Црна Гора и Косово.

Предвидено е воспоставување Национален едношалтерски систем со подобрени модули од EXIM и CDEPS,  како и Подобрување на гранични премини  и терминали на Деве Баир и Ќафасан. Потпишан е договор за воспоставување заеднички гранични и царински контроли на граничните премини меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и се очекува реализација на градежните работи од 2022 до 2023 година.

На средбата беа посочени и заложбите за фискална консолидација на Република Северна Македонија, како и за удвојување на економскиот раст и постигнување годишни стапки на раст на БДП од околу пет отсто.

Во Министерството за финансии во завршна фаза на изработка е Планот за финансирањето на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, кој наскоро ќе се  презентира и дискутира во јавноста. Овој план дава одговор за нови начини за пристап до капитал за финансирање на заздравувањето и забрзувањето на економскиот раст, преку проекти во јавниот и приватниот сектор. Со планот се сака да се  зголемат вкупните инвестиции во економијата, а притоа да се остане на зацртаниот курс постепено да се намалува фискалниот дефицит, а со тоа и да се задржи долгот на стабилно ниво.

Главната поента на овој план е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од околу 4 милијарди евра за периодот 2021-2025 година, финансирани од буџетот, ИПА фондовите и меѓународните финансиски институции, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор.

Планот се состои во креирање развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантни фондови, еквити фондови, фондови за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот