Берлинската полиција ги истражува случаите на Хавана синдром во американската амбасада
Германската полиција во петокот објави дека истражува неколку случаи на таканаречениот Хавана синдром во американската амбасада во Берлин, мистериозна болест за која се верува дека зафати 200 американски дипломати и службеници ширум светот, пренесува Ројтерс.
Хавана синдромот, со симптоми кои вклучуваат мигрена, гадење, губење на меморијата и вртоглавица, го привлече вниманието на јавноста во 2016 година, откако десетици дипломати во Амбасадата на САД во Хавана, Куба, се пожалија на болеста.
Како одговор на извештајот на новинскиот магазин Дер Шпигел, берлинската полиција рече дека од август го истражува „наводниот напад со звучно оружје врз вработените во Амбасадата на САД“, но одби да даде дополнителни информации.
Портпаролот на Амбасадата на САД во Берлин одби да коментира за секој конкретен инцидент, но рече дека американската истрага е во тек за случаи ширум светот.
Претседателот Џо Бајден во петокот потпиша закон со кој се обезбедува финансиска помош за владиниот персонал заболен од синдромот.
Во јули, Австрија објави дека работи со американските власти за да дојде до дополнителни информации за сомнителни случаи меѓу американските дипломати во Виена.
Вилијам Барнс, директор на американската Централна разузнавачка агенција, во јули рече дека има околу 100 офицери на ЦИА и членови на семејството меѓу околу 200 американски службеници и роднини кои страдале од синдром на Хавана.
Извор: Ројтерс