Белата куќа формирала тајна агенција – на „црната листа“ се многу познати имиња, Трамп не се шегува
Според наводите на „Фокс“, групата се состанува двапати неделно за да „разменува информации, усогласува активности и спроведува одлуки“
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп формирала нова меѓуагенциска работна група чија задача е да ги истражува лицата кои се сметаат за непријатели на претседателот, објави агенцијата „Ројтерс“.
Препорачано
Според документите до кои дошол „Ројтерс“, групата наречена Меѓуагенциска работна група за политизација функционира најмалку од мај, а ја сочинуваат десетици претставници од Белата куќа, ФБИ, ЦИА, Канцеларијата на директорката на Националната разузнавачка заедница, како и од министерствата за правда, одбрана и внатрешна безбедност.
Интернет-порталот „Фокс њуз дигитал“ го потврди постоењето на групата и ја пренесе изјавата на директорката на националната разузнавачка заедница, Тулси Габард, која изјави:
„Ја формирав оваа работна група за, под водство на претседателот Трамп, да започнеме со важната работа на меѓуагенциска координација и обезбедување одговорност“.
Според наводите на „Фокс“, групата се состанува двапати неделно за да „разменува информации, усогласува активности и спроведува одлуки“. Еден од официјалните извори со кои разговарал „Ројтерс“ изјавил дека целта на групата е „борба против длабоката држава“ – поим со кој приврзаниците на Трамп ја означуваат, како што веруваат, трајната пристрасна бирократија во рамки на федералната власт.
Се наведува дека меѓу лицата за кои се разговарало во рамки на групата се поранешниот директор на Федералното истражно биро Џејмс Коми, поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон, поранешниот главен медицински советник Ентони Фаучи, Хантер Бајден – синот на поранешниот претседател Џо Бајден, како и воени команданти кои ги спроведувале наредбите за задолжителна вакцинација на американскиот воен персонал против ковид-19.
Изворот додал дека групата, исто така, ги истражува и функционерите вклучени во испитувањето на наводното руско мешање во американските избори во 2016 година. „Ројтерс“ наведува дека идентификувал 39 лица поврзани со работната група, а според изворите, еден од водечките членови е правникот од Министерството за правда, Ед Мартин.
Трамп, непосредно по својата втора инаугурација на 20 јануари, потпишал извршна наредба со која го задолжил новиот државен обвинител да соработува со другите федерални агенции „за да ги идентификуваат и исправат минатите неправди поврзани со политизацијата на телата за кривично гонење и разузнавачката заедница“, пренесува „Мондо“.
Пред да ја напушти Белата куќа, Џо Бајден издал низа превентивни помилувања – меѓу другите и за својот син Хантер, за Фаучи и за републиканката Лиз Чејни, позната по својата критика кон Трамп.


