Фото: илустрација / Калдрма.рс / Дигитален архив на Народната библиотека на Србија

„Бекриска слава“ — суровиот некогашен обичај од кој Белград денес се срами

Во предвечерието на Велигденските пости, на Чист понеделник, кон крајот на февруари, низ улиците на Белград пред стотина години, наместо духот на прочистувањето, се ширела непријатната миризба на застоен чад и евтина ракија. Тој ден бил резервиран за „бекриска слава“ – обичај кој, иако формално бил посветен на молитвите за добар род на сливите и лозјата, во пракса претставувал брутално и речиси варварско натпреварување во опивање. Тоа било нечовечко изживување со најранливите луѓе во српската престолнина тогаш – оние во крајна сиромаштија, пишува „Калдрма“.

Додека повеќето жители на престолнината се согласувале со тогашните весници дека овој обичај е „најнесимпатична појава и грдо обележје на нашето општество“, во кафанските кулоари тој претставувал врвна забава за безделниците и сиромашните, но и за богатите белграѓани.

Зад кулисите на „празникот“ стоеле чист профит и сурова експлоатација. Газдите на некои кафеани организирале вакви прослави за да го „разработат локалот“ и да склучат трговски зделки. Нивна цел биле луѓето веќе длабоко заглавени во алкохолизам, чија зависност безмилосно ја користеле за нечовечки цели.

Организатори на „бекриската слава“ биле сопственици на кафеани желни за заработка, а сиромашни и безработни луѓе, бездомници, биле регрутирани да се „борат за титулата најголем пијаница“ и да пијат до бесвест. Неретко и до смрт.

Богатите гости заземале позиции од кои можеле најдобро да ги следат своите фаворити, безмилосно им плаќале пијалаци на натпреварувачите и се обложувале на победникот, уживајќи во одвратните сцени.

Фото: Дигитален архив на Народната библиотека на Србија

Ниту тешката економска криза која почнала во 1929 година не ги спречила овие сурови натпревари. Во 1936 година, печатот бележи дека слични сцени можеле да се видат дури и во познати и реномирани белградски кафеани. Атмосферата била мачна. Групи луѓе се обидувале да испијат што поголема количина алкохол за што пократко време. Кога организмот ќе попуштел, а натпреварувачот ќе паднел под маса целосно без свест, газдите реагирале брзо, но не и хумано.

За смртта да не го „наруши текот на натпреварот“, смртно пијаните ги изнесувале надвор, на студ и снег, за да не испадне дека починале во нивниот локал, додека натпреварот продолжувал со уште забрзано темпо.

„Позитивно се знае дека речиси насекаде, за време на тие пијанечки прослави, имало жртви“, пишувала „Политика“ пред точно 90 години.

Дигитален архив на Народната библиотека на Србија

Денес бекриските слави сè уште постојат во некои делови на Србија, но тие, за среќа, го изгубиле мрачниот и деструктивен карактер што го имале во пресрет на Втората светска војна. Далеку од суровите натпреварувања во опивање, но и преживување, денешните собири служат исклучиво за дружење, наздравување и уживање во традицијата, без сенката на експлоатацијата и човечката беда што некогаш го придружувала белградскиот Чист понеделник.

ВИДЕО | Историската победа на БиХ на трибините во Зеница ја славеше и Ѓоковиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот