Беџети вели дека во пензија мора да се оди подоцна, за ССМ ова е несериозно и неприфатливо

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Кризата со пензискиот систем сè повеќе ѝ се заканува на Македонија. Дупката во ПИОМ никако не може да се пополни, па секоја трета пензија мора да се исплаќа од државниот буџет. Академик Абдулменаф Беџети за „Дојче веле“ вели дека сега овој однос е 1 спрема 2,5. Поради ова, Фискалниот совет, во кој членува Беџети, иницираше поместување на старосната граница за пензионирање.

Оваа државна институција основана од Собранието зазеде став дека треба да се зголеми старосната граница за пензионирање на 67 години и ваквиот предлог е веќе испратен во Собранието. Измената се предлага да стапи на сила во 2026 година и да важи и за мажите и за жените. Одлуката сепак, е во рацете на законодавците.

„Врз основа на анализите на фискалната одржливост на ПИОМ предложивме такви мерки како дел од мислењето за Фискалната стратегија (2025-2029). Најавите се дека дополнително ќе се разгледува уште еднаш фискалната статегија за 2025 година и најверојатно тогаш ќе треба да се најде решение“, вели Беџети.

Овој предлог за пензионирање на мажите и на жените на иста возраст од 67 години, според Беџети, се темели врз основа на стареењето и зголемувањето на векот на живеење на населението. Просечниот век на живеење во Северна Македонија е во пораст, а тоа е тренд којшто е светски, додава тој.

Од друга страна, Сојузот на синдикати е против зголемувањето на старосната граница за пензионирање, кое го нарече „несериозен“ и „неприфатлив“ предлог. Оттаму велат дека е потребно предвремено пензионирање. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, вели дека продолжувањето на работниот век без консултации со работниците не е решение за проблемите во пензискиот систем.

„Потребно е воведување на повеќе услови за пензионирање, како пензионирање со навршени 40 години работен стаж за мажи и 35 години работен стаж за жени, предвремено пензионирање, воведување на бенефициран стаж за градежните работници како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците, старосна пензија – по возраст или работен стаж – по дејности, предвремена старосна пензија по возраст, неполна старосна пензија по возраст обезбедување на можност за докуп на стаж“, велат од ССМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот