Беџети признава: Имало административни грешки во издавање на 200 уверенија, но само одреден период

Абдулменаф Беџети, ректор на УИЈЕ/Фото: Скриншот

Ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа Абдулменаф Беџети, денеска изјави дека на универзитетот во периодот од 2011 до 2012 се издавале уверенија, во кои имало административна грешка, односно погрешно бил наведен степенот на образование. Но, не станувало збор за дипломи, туку за уверенија.

Одговорот ректорот Беџети го даде на новинарско прашање, откако вчера Претседателката на државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска, ја информираше јавноста дека се обратиле до инспекторатот за образование, да проверат колку има студенти на УЈИЕ што завршиле три години, а добиле 7/1 степен на образование, односно четири годишни студии.

„Во периодот од 2008 до 2010 година, државата ги нема регулирано со декрет звањата во тој дел. Од 2010 ноември е донесен декретот, односно одлуката која влегува во сила, каде што се идентификуваат точно називите на звањата и разликите на седми степен и шести степен. Но, тоа не дека се издадени дипломи, туку кај нас се издадени уверенија, во кои стои бројот на трансфер европски кредити ектс, каде што пишува дека се точно 180 ектс кредити, што значи тригодишни студии, меѓутоа некој сака да ги толкува така, само за на некој начин да внесе заблуда. Дел од наводите се во право, оти од 2011 кога почнала примената на одлуката, меѓу 2011 и 2012 година имало такви случаи каде се издадени уверенија со погрешно наведување на називот, односно звањето 7/1. Но потоа во периодот што следи се е во ред, значи во суштина нема грешка, но има техничко административна грешка во тој дел и не целиот период и не е тој број 427, туку се околу 200, но не се дипломи, туку се уверенија, истакна ректорот на УЈИЕ Абдулменаф Беџети.

Информацијата што во јавноста излезе за УЈИЕ, Беџети ја окарактеризира како полувистина, на денешената презентација на проектот „Транзицијата и лажните вести“. Тој посочи дека против лажните вести треба сите да се бориме, оти тие претставуваат и сериозен ризик за државите.

„Во држави како нашата со нетолку развиени институции, каде што не е доволно регулирана дејноста медиуми, се создава простор за проширување на се повеќе лажни вести, кои што на некој начин предизвикуваат безбедносни ризици на државата и на регионот. Така да Универзитетот како учесник на проектот ќе биде партнер за развивање на вакви слични проекти“, рече Абдулеманаф Беџети.

Медиумски писмени граѓани е главната алатка во борбата против лажните вести, истакна Универзитската професорка Беса Арифи.

Но и слободата на говорот си има своја граница. Во одредени случаи, треба да се интервенира, соодветно пропишаните норми и закони.

„Ова е многу важно прашање и мислам дека веќе се прават некои напори тоа да се рефлектира и во законите. Но, треба да бидеме внимателни, оти се зборува за слободата на изразување и при тоа не може таа слобода да биде органичена, во име на заштита од лажните вести. Затоа е овој проект и затоа се овие активности, кои се од витално значење во универзитетите и во образовните институции, оти начинот на кој што ние реагираме кон лажните вести, дезинформациите, треба да бидат основа во едукација во образовниот систем и во способноста на младите да ги препознаваат лажните весте. Не може да се запира таа слобода, да се ограничи таа слобода, оти основата е слободата на човекот. Секако дека таа слобода си има свои граници и има одговорност кога таа се злоупотребува, но начинот на кој што и во светот се пристапува кон ова прашање е преку образованието и преку оспособување на младите да ги идентификуваат тие лажни вести“, рече Арифи

Проектот „Транзицијата и лажните вести“, во земјава се спроведува со поддршка на Чешката република.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот