Барселона по четири години го исплати тренерот со кој доживеа епски дебакл во Лигата на шампионите
Поранешниот тренер на Барселона, Кике Сетиен, откри дека чекал речиси четири години за каталонскиот гигант целосно да ги подмири финансиските обврски по неговиот отказ во 2020 година. Во изјава за шпанските медиуми, 67-годишниот стручњак зборуваше за големото доцнење во исплатата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во интервју за познатата радио-емисија „Ел Ларгеро“, Сетиен потврди дека случајот со Барселона конечно е затворен, иако со огромно задоцнување кое, според него, е јасен показател за сериозните финансиски и ликвидносни проблеми со кои клубот се соочувал во последните години.
„На Барселона ѝ беа потребни три или четири години за да ми исплати. Сè е решено. Ги исполнија сите обврски што ги имаа кон мене и веќе ништо не ми должат“, потврди Сетиен.
Мандатот на Сетиен на клупата на „Камп Ноу“ беше краток и исполнет со турбуленции. Тој беше назначен во јануари 2020 година, среде сезоната, како замена за Ернесто Валверде, но се задржа само седум месеци.
Во тој период, Барселона под негово водство одигра 25 натпревари, оствари 16 победи, четири ремија и пет порази, завршувајќи на второто место во Ла Лига зад Реал Мадрид. Сепак, неговата епизода во Каталонија ќе остане запаметена пред сè по катастрофалниот пораз од 8-2 од Баерн Минхен во четвртфиналето од Лигата на шампионите.


