Балтичките земји ќе го бојкотираат состанокот на ОБСЕ во Скопје поради присуството на Лавров

Фото: Твитер, Маргус Цахкна

Естонија, Летонија и Литванија соопштија дека ќе го бојкотираат Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје, доколку присуствува и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

– Присуството на Лавров носи ризик да се даде легитимитет на агресорот Русија како законски член на нашата заедница на слободни нации, да ги банализира ѕверските злосторства што Русија ги направи, како и очигледното руско кршење и презир на основните принципи и обврски на ОБСЕ, се наведува во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на трите балтички земји.

Шефот на естонската дипломатија Маргус Цахкна вели дека „Русија ќе ја искористи оваа можност да ја шири својата пропаганда и да го поткопа единството на Западот“.

– Факт е дека додека се одржува состанокот на ОБСЕ во Скопје, руската воена машина ги напаѓа недолжните Украинци и депортира деца без око да им трепне. Естонија не може да седне на иста маса со агресорот и да сноси одговорност за последиците што може да ги донесе присуството на Лавров. Тоа е спротивно на нашите основни принципи. Руската агресија против нејзиниот независен и мирен сосед Украина го прекршува меѓународното право и тоа е напад врз ОБСЕ и нејзините фундаментални вредности. Местото на Лавров е на специјален трибунал, а не на масата на ОБСЕ, наведува Цакхна, чија земја според ротирачкиот принцип требаше да го преземе претседавањето со ОБСЕ во 2024 година, но поради противењето на Русија и на Белорусија, наместо Естонија на челното место во организацијата ќе дојде Малта како компромисно решение.

Клучно е, според него, веднаш да се стави крај на агресијата врз Украина, да се повлечат руските трупи од окупираните области, да се плати компензација за уништувањето и да се повикаат на одговорност криминалците.

– Но, нема знаци дека Русија размислува да го следи меѓународното право или принципите на ОБСЕ. ОБСЕ е создаден за да ја обнови европската безбедност, да спречи конфликти и да го одржи мирот. Со своите незаконски и брутални дејствија, Русија постојано докажа дека не е безбедносен партнер за Европа. Во реалноста, на Европа во моментов и е потребна одбрана од и против Русија, истакнува Цахна во изјавата поддржана од неговите колеги од Летонија, Кришјанис Каринш и од Литванија, Габриелиус Ландсбергис.

Украинскиот министер Кулеба одби да учествува на Самитот на ОБСЕ во Скопје

На Министерскиот состанок нема да присуствува ниту украинскиот шеф на дипломатијата Дмитри Кулеба. Како што соопшти украинското Министерство за надворешни работи, присуството на руската делегација на средбата на министерско ниво за првпат од почетокот на руската целосна инвазија на Украина само ќе ја продлабочи кризата во која Русија го воведе ОБСЕ.

Во соопштението од Киев се додава дека ги ценат напорите на Македонија како претседавач во 2023 година, како и лично на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој, како што се наведува, „покажа висок професионализам и непоколеблива посветеност на заштитата на принципите и заложбите на ОБСЕ“. Исто така се изразува благодарност за „Северна Македонија за приоритетот на прашањето за спротивставување на руската агресија врз Украина во текот на нејзиното претседавање“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот