
Балетските едночинки „Шехерезада“ и „Валпургиска ноќ“ ќе имаат изведба на сцената на Националната опера и балет
Во рамки на балетскиот репертоар на сцената на Националната опера и балет на 17 и на 24 јануари, со почеток во 20 часот, ќе бидат изведени балетските едночинки „Шехерезада“ и „Валпургиска ноќ“.
Препорачано
Еден од бисерите во балетската литература „Шехерезада“ од Н. Р. Корсаков, работен по мотивите на приказните од „Илјада и една ноќ“, ќе се изведе под диригентската палка на Бисера Чадловска, кореографијата е на познатиот балет-мајстор од Москва, Михаил Крапивин, со првична постановка на Михаил Фокин.
Сценографијата е на Марија Ветероска, а костимите на Маја Бурсаќ од Србија, концерт-мајстор е Верица Ламбевска. Балетската приказна ќе ја раскажат: Наташа Трендафилова Гицев, Ивана Коцевска, Илијана Данилов, Франциско Хименес Руиз (Шпанија), Балаж Лочеи (Унгарија), Валери Љубенко (Украина).

Во вториот дел од вечерта ќе биде изведена едночинката „Валпургиска ноќ“ од Шарл Гуно. Диригент е Бисера Чадловска, кореографијата е на Михаил Лавровски, пренел и режирал, Јуриј Мјачин од Русија, сценографијата е на Илија Аризанов, а костимографијата на Изабела Поњавиќ, концерт-мајстор е Верица Ламбевска.
Во претставата настапуваат: Марија Кичевска Шокаровска, Христина Наќевска Митрашиновиќ, Франциско Хименес Руиз (Шпанија), Балаж Лочеи (Унгарија), Валери Љубенко (Украина). Настапуваат првенци, истакнати солисти, солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

„Валпургиска ноќ“ е, всушност, балетскиот дел од операта „Фауст“ на Шарл Гуно и е првата премиера на Балетот на тогашниот Македонски народен театар (МНТ), која била изведена на 27 јануари 1949 година во кореографија на Ѓорѓи Македонски, известија од Националната опера и балет.