Автошколите бараат за 30 отсто да се качи цената на полагањето возачки испит

Фото: Автошкола „Кекец“

Минималната цена за полагање за возачка дозвола за „Б“ категорија која во моментов изнесува околу 20 илјади денари, треба да се зголеми за најмалку 30 отсто, велат претставници на автошколите за „Вечер“.

Тие сметаат дека денес, кога цените на прехранбените намирници, земјоделските производи, енергенсите, нафтените деривати, буквално секојдневно растат, автошколите се доведени во ситуација едвај да преживуваат.

– Невозможно е со цена од 19.300 денари со ДДВ од 18 проценти, да се покријат редовните и варијабилните трошоци за работа, доведено е во прашање опстанокот на автошколата, како и егзистенцијата на вработените и нивните семејства – сметаат од Националното здружение на автошколи и возачи – инструктори.

Поради ова, тие бараат од министерот за внатрешни работи да го одобри покачувањето кое цената ќе ја одведе помеѓу 24.500 денари со ДДВ и 26.000 денари. Новите цени, според нив, би требало да важат од 1 декември 2021 година, или веднаш по Нова година.

– Многу нешта се изменија од тоа време (камери, хард дискови, замена на мотори, камиони, автобуси, приколки, економски кризи, пандемии…), а ние сме сè уште далеку од оваа предложена цена од 2015 година – велат од ова Здружение.

Дел од автошколите веќе ги поскапеа услугите што ги нудат, како што се оние од Штип, кои од лани наплатуваат 22.000 денари, но и во Битола каде што цела обука чини 24.500 денари, пишува „Вечер“. Дел од автошколите работат сè уште по стари цени, како оние во Скопје, но велат дека нема да можат уште долго. Се жалат на нелојална конкуренција.

– Во малите градови автошколите си имаат заемни договори да не си конкурираат и си ги договараат цените. Во Скопје не е така, па ако, на пример, во нашата автошкола за обука за возачка наплатуваме 19.300 денари, во друга автошкола ја имаат симнато цената на 17.000 денари. Крајно време е да бидеме единствени и сите да ја почитуваме бараната цена од 24.500 денари – ни рекоа од една автошкола од каде се пожалија дека платите на инструкторите не им се зголемени веќе подолго време.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот