unsplash

Австрија ја надмина целта за рециклирање, но дигиталниот систем заостанува

По една година, системот за поврат на шишиња и лименки во Австрија ја надмина законската цел и покажа дека моделот функционира, со повеќе од осумдесет проценти поврат во рециклажата. Иако инфраструктурата и финансирањето се стабилизираа, системот останува оптоварен од недоволна дигитализација, проблеми со пристапност за лицата со попреченост и отсуство на заедничко европско решение. Клучниот предизвик во наредните години е како да се зголеми повратот на деведесет проценти без дополнително административно и логистичко оптоварување.

По една година од воведувањето на задолжителниот систем за враќање на пластични шишиња и лименки во Австрија, системот функционира одлично. Првите бројки покажуваат дека навиките на потрошувачите се менуваат побрзо од очекуваното. Повратот на празните пакувања веќе не е егзотика, туку секојдневие, а 25-те центи депозит ретко завршуваат заборавени на клупи или покрај патишта. Сепак, зад успешната статистика остануваат отворени прашања околу дигитализацијата, пристапноста и отсуството на заедничко европско решение, што сè повеќе ги оптоварува производителите и трговците.

Висока стапка на поврат и логистички предизвици

Во изминатата година, околу две милијарди пластични шишиња и лименки со кауција поминаа низ трговијата и угостителството. Од нив, повеќе од осумдесет проценти се вратија назад во системот за рециклирање. Според податоците на централната депозитна организација, стапката на поврат изнесува 81,5 проценти, со што е исполнета законската цел од осумдесет проценти. Следниот праг е значително повисок, до 2027 година целта е деведесет проценти, што значи дека системот мора да ги придобие и оние потрошувачи кои сè уште се скептични.

Истражувањата покажуваат дека околу една четвртина од граѓаните имаат резерви кон депозитниот модел, иако осумдесет и пет проценти тврдат дека се добро информирани. Министерството за животна средина нагласува дека без депозит, европските обврски за собирање и рециклирање не би можеле да се исполнат. Според ресорниот министер, почетните проблеми биле надминати релативно брзо, а густата мрежа на супермаркети се покажала како предност. Со околу 6400 автомати за враќање, Австрија се рангира меѓу земјите со најгусто распоредени собирни пунктови по глава на жител во Европа.

Автоматите доминираат во системот. Само два проценти од празните пакувања се примаат рачно. Малите бизниси како пекарници, дрогерии, угостители и организатори на настани ги собираат пакувањата во вреќи кои ги преземаат логистички партнери. Првично, системот бил димензиониран за десет проценти рачно собирање, па сега се бара оптимизација на логистиката. Стравувањата на киосците и уличните продавачи дека ќе бидат затрупани со отпад не се остварија, бидејќи често склучија договори со блиски трговски ланци кои ги преземаат пакувањата и добиваат поголема фреквенција на купувачи.

Пари, рециклажа и европски празнини

Воведувањето на овој т.н депозитeн систем не помина без трошоци. Државата обезбеди осумдесет милиони евра субвенции за автомати за враќање и дополнителни шеесет милиони за сортирачка опрема. Кон тоа се надоврзуваат инвестиции од индустријата и трговијата, од кои ce очекуваат долгорочни придобивки. Сортирачката фабрика во Бургенланд лани задржа во кружниот тек речиси триесет и четири илјади тони шишиња, што е рекорден резултат. Домашните производители на пијалаци имаат право на првенствo за откуп на чисто подготвен рециклат, кој мора да го користат за нови пакувања. Европските правила веќе налагаат најмалку 25 проценти рециклирана суровина во новите шишиња, која е скапа и тешко достапна.

Посебна улога има таканаречениот депозитен вишок, парите што потрошувачите ги плаќаат при купување на пијалаците, но не ги подигнуваат со враќање на амбалажата. Тие милионски износи се еден од столбовите на финансирањето на системот, додека трговците немаат право на дополнителен приход од тоа.

Критиките се насочени кон отсуството на европска хармонизација. Секоја држава користи сопствени ознаки, што го отежнува прекуграничниот промет и ги оптоварува малите производители. Дополнително, дигитализацијата заостанува. Кога граѓаните ја враќаат амбалажата на автоматите, добиваат купони во аналогна форма, што често предизвикува грешки. Поради тоа е потребна што побрза дигитализација на системот. За посовремени решенија е потребно уникатно кодирање на секое пакување. Советот за лица со попреченост предупредува дека многу автомати не се пристапни и не овозможуваат самостојно користење, па дел од граѓаните остануваат исклучени од системот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот