Фото: Pexels

Атракции што туристите нема да можат да ги посетат оваа година, а можеби и никогаш повеќе

За жал, патувањата не секогаш одат според планот. Лошото време, природните катастрофи, штрајковите или долготрајните реконструкции знаат целосно да ги променат туристичките маршрути. Затоа, покрај препораките за најпопуларните дестинации, важно е навреме да се информираме и за местата што се затворени или недостапни за посетители.

Во продолжение следува преглед на музеи и културни атракции ширум светот што сигурно нема да примаат туристи во текот на 2026 година, а за некои од нив не е извесно дали воопшто повторно ќе се отворат, пишува Си-ен-ен.

Музеј на колекционерство и дизајн, Лас Вегас

Основан во Лас Вегас, Музејот на колекционерство и дизајн беше омаж на љубовта на Џесика Орек кон минијатурите и необичните предмети. Посетителите можеа да разгледуваат колекции или сами да создаваат мозаик од мали гумички и фигурини. Откако трговскиот центар во кој беше сместен беше планиран за уривање, изложбата тргна на турнеја низ Соединетите Американски Држави. Музејот како физички простор повеќе не постои, а засега не е познато дали некогаш ќе добие постојана локација.

План Б

Оние што сакаат слично искуство во Лас Вегас можат да го посетат Омега Март, уметничко доживување маскирано како супермаркет, зад кое стои колективот Мјау Вулф, поддржан од писателот Џорџ Р. Р. Мартин.

Центар Помпиду, Париз

Парискиот Центар Помпиду, отворен во 1970-тите со својот револуционерен дизајн „одвнатре како однадвор“, е затворен поради обемна реконструкција. Работите вклучуваат унапредување на пристапноста и отстранување азбест. Музејот повторно треба да ги отвори вратите за посетителите во 2030 година.

План Б

Љубителите на модерната и современата уметност ќе можат да ја посетат новата испостава на Помпиду во Брисел, која треба да се отвори во ноември 2026 година. Центарот ќе биде сместен во поранешна фабрика за автомобили и ќе се фокусира на уметност и архитектура.

Таписерија од Баје

Таписеријата од Баје, серија ткаенини од 11 век што го прикажуваат англиското освојување, е една од најстарите и најдобро сочувани визуелни хроники во светот. Поради амбициозен проект за проширување и модернизација на музејскиот простор, музејот во градот Баје е затворен од август 2025 година. Повторното отворање е планирано за 2027 година, по повод илјада години од раѓањето на Вилијам Освојувачот.

План Б

Љубителите на уметноста и културата можат да ја посетат Бајон, во француската Баскија, каде повторно е отворен музејот Бона-Еле, често нарекуван „Малиот Лувр“ поради богатата колекција на дела од старите мајстори. За оние што сепак сакаат да ја видат Таписеријата од Баје, делови од неа ќе бидат изложени наесен во Британскиот музеј, во рамки на културна размена со Франција.

Париски катакомби

Една од најморничавите атракции во Париз, позната по изложените коски на милиони поранешни жители на градот, моментално е затворена поради градежни работи. Станува збор за поранешни подземни каменоломи од крајот на 18 век, лоцирани под населбата Монпарнас, на околу 20 метри под земја. Отворањето се очекува во текот на 2026 година, но без прецизен датум.

План Б

За слично искуство, туристите можат да се упатат кон костурницата во Седлец, во Чешка, позната и како „Црква од коски“. Ова необично место се наоѓа во градот Кутна Хора, на околу 74 километри од Прага, и е дел од светското културно наследство на УНЕСКО.

Кровот на Метрополитен музејот, Њујорк

Метрополитен музејот на уметноста останува отворен, но неговиот прочуен Кров нема да биде достапен за посетители. Станува збор за дел од музејот што во наредните пет години ќе биде унапредуван и прошируван. Кога повторно ќе се отвори, во 2030 година, просторот ќе зафаќа околу 1.000 квадратни метри.

План Б

Населбата Лонг Ајленд Сити во Квинс важи за една од потценетите уметнички зони во Њујорк. Таму се наоѓа Паркот на скулптури Сократ, музеј на отворено со чести изложби, перформанси и инсталации, како и одличен поглед кон Менхетен.

Храм Гоунса, Јужна Кореја

Древниот будистички храм Гоунса, стар околу 1.300 години и сместен во округот Уисеонг, целосно изгоре во пожар во март 2025 година. Заедно со уште неколку околни храмови, моментално е во фаза на реставрација, но нема информации кога повторно ќе биде отворен за јавноста.

План Б

На околу 35 километри од Гоунса, во градот Андонг, се наоѓа храмот Бонгџонгса. Во неговиот комплекс се наоѓа најстарата дрвена градба во Јужна Кореја, како и добро сочувани будистички фрески со богати детали, што го прави вредна алтернатива за посетителите.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ: „Семејство на пат“ – големи авантури и настава од дома

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот