Фото: EPA-EFE/YOUSSEF BADAWI

Асадовата тајна операција: Илјадници тела преместени за да се прикријат злосторства

Владата на поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад спровела тајна двегодишна операција за преместување на илјадници тела од една од најголемите масовни гробници во земјата на нова, скриена локација во пустината.

Според истрагата на Ројтерс, операцијата била дел од систематски заговор за прикривање докази за злосторства и обид на режимот да го обнови меѓународниот углед во последните години од неговото владеење.

За да го открие обемот на оваа акција и точната локација на новата гробница во пустината надвор од градот Думаира, агенцијата разговарала со 13 лица со директно познавање на операцијата, прегледала документи од вклучени службени лица и анализирала стотици сателитски снимки. Станува збор за една од најобемните прикриени акции поврзани со масовни убиства во поновата историја на Сирија.

„Операција поместување на земјата“: преместување за да се избрише вистината

Операцијата за пренесување на телата од масовната гробница во Кутајфа, на периферијата на Дамаск, била наречена „Операција поместување на земјата и се одвивала меѓу 2019 и 2021 година. Нејзината цел, според сведоци, била да се прикријат злосторствата на владата на Асад и да се олесни евентуалното дипломатско „рехабилитирање“ на диктаторот во меѓународната заедница.

Новата масовна гробница во пустината Думаир содржи најмалку 34 ровови кои се протегаат два километри — што ја прави една од најголемите некогаш создадени во текот на сириската граѓанска војна. Според проценките, таму може да бидат закопани десетици илјади луѓе.

Ројтерс свесно не ја објавува точната локација за да го намали ризикот од оштетување на местото, кое би можело да биде клучен доказен материјал за идни судски постапки.

Четири ноќи неделно, речиси две години, шест до осум камиони преполни со земја и човечки остатоци се движеле од Кутајфа до пустинската локација. Возачи, механичари и поранешен офицер од елитната Републиканска гарда на Асад опишуваат сцени со неподнослива смрдеа и тајност под закана од смрт. „Можете сами да завршите во овие дупки“, изјавил еден возач.

Илјадници исчезнати, новата влада без ресурси

Повеќе од 160.000 луѓе исчезнале во безбедносниот апарат на режимот на Асад, според сириските организации за човекови права. Се верува дека многумина од нив се закопани во масовни гробници низ целата земја. Иако организирани ексхумации и ДНК анализи би можеле да ја расветлат нивната судбина, новата сириска влада која ја презеде власта во декември 2024 година се соочува со сериозен недостаток на ресурси и институционален капацитет.

Мохамед Реда Јелки, шеф на Националната комисија за исчезнати лица, вели дека огромниот број жртви и потребата за правда ја отежнуваат работата.

„Постои рана што крвари сè додека има мајки кои чекаат да ги најдат гробовите на своите синови, жени кои чекаат да ги најдат гробовите на сопрузите и деца кои чекаат да ги најдат гробовите на татковците“, изјави тој.

Мохамед Ал Абдала, директор на Сирискиот центар за правда и одговорност, предупреди дека ваквите трансфери на тела претставуваат огромен предизвик за семејствата на жртвите. „Повторното составување на овие тела за да можат комплетните останки да им се вратат на семејствата ќе биде исклучително комплицирано“, рече Ал Абдала откако беше информиран за наодите на Ројтерс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот