Арсовска тврди дека за украсувањето имало јавен тендер, тоа веќе било образложено во јавноста

Фото: Слободен печат-Драган Митрески

И после десет дена откако градоначалничката Данела Арсовска соопшти дека годинава украсувањето на Скопје ќе чини многу помалку отколку што се трошело порано, споменувајќи дека за таа намена ќе се потрошат 30 000 евра, досега нема одговор на која фирма ѝ се платени 30.000 евра, пари на граѓаните, како е избрана фирмата без да се објави јавен оглас и од кои средства од буџетот се одлеани парите.

Говорејќи на интернет поткаст, вчеравечер таа рече дека имало јавен повик, но повторно не прецизира ни кога бил објавен, ниту со која фирма и кога е склучен договорот. Нашиот обид да го видиме тој јавен повик се покажа науспешен, затоа што не е прикажан на веб-страницата на Град Скопје, ниту може да се најде на Бирото за јавни набавки, така што, доколку навистина бил објавен, од неразбирливи причини градоначалничката го крие како „државна тајна“.

Од Јавното обвинителство велат дека за тоа како и каде завршиле 30 000 евра од Град Скопје, значи парите на граѓаните, надлежна да открие е финансиската полиција.

Со оглед на изнесените наводи во конкретниот случај, Управата за финансиска полиција како орган надлежен за откривање на евентуални кривични дела и контрола на финансиските текови има надлежност да ги испита сите околности и да достави соодветно известување или пријава. Доколку Финансиската полиција не постапи, обвинителството ќе оформи предмет и ќе нареди да се извршат сите проверки – тврдат од Обвинителството.

Целиот проблем е всушност во тоа што Арсовска одбива да биде транспарентна кон граѓаните и да ги соопшти деталите околу сумата потрошена за украсување. Тоа не го  направи ниту минатата година, кога тврдеше дека украсувањето било направено без да се потроши денар од градската каса. Нејзината навика да не им одговара на граѓаните не е само во овој случај. Таа е единствениот градоначалник кој пред своите избирачи не даде отчет за тоа што го сработила на истекот на двете години мандат. Без одговори остануваат и прашањата на советниците.

Предмалку, повторно по реакциите на граѓаните и медиумите од Арсовска стигна соопштение околу украсувањето, во кое ништо докрај не се објаснува.

Украсувањето на градскиот плоштад, главните сообраќајници и новогодишниот базар се финансирани преку јавен повик, кој беше објавен согласно актите и прописите како и сите останати јавни повици. Ова неколкупати досега е кажано, образложено во детали и транспарентно презентирано на јавноста. Оттука, секоја друга останата „вест” е обид за манипулација, сензационализам и шпекулации. Разликата сепак, помеѓу овогодинешното организирање на украсувањето на градот и претходните години е што сега имаме за 10 пати помали трошоци од она што било трошено изминатите две децении – разликата е и во тоа што оваа година парите за оваа намена не ги добила истата фирма која ги добивала досега. Фирма блиска до Шилегов која од бројни тендери испумпувала пари од градската каса. За ова, веќе се подготвени соодветни пријави. Жалиме што и покрај апелите за точно, балансирано и вистинито известување, дел од медиумите се уште одработуваат политички агенди на заборавени „политичари”, соопшти Арсовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот