Арсовска ги менува директорите што ги постави Шилегов, тројца веќе „паднаа“

Данела Арсовска и Петре Шилегов
Данела Арсовска и Петре Шилегов/ Фото монтажа: Златко Зец

Градоначалничката Арсовска, која својот мандат го доби како независен кандидат, но со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и повеќе други партии, неодамна изјави дека со никого не направила договор за директорски места и дека всушност никого не менува туку дека им бил истечен мандатот на в.д. директорите.

Тројца директори на градските јавни претпријатија се сменети во изминативе две недели, а директорот на Зоолошка градина, која е институција во надлежност на Град Скопје, самиот си даде оставка пред да биде разрешен, по што е назначен нов.

Градоначалничката Данела Арсовска го именува Кристијан Стаменов за нов в.д. директор на ЗОО Скопје, откако Ѓорги Галетановски си поднесе оставка од оваа функција. Стаменов десет години е вработен во Зоолошката градина како самостоен ЗОО-негувател. Како што пренесува СДК, тој е син на поранешната директорка на Зоолошката градина, Татјана Стаменов, која на оваа функција беше во времето на градоначалникот Коце Трајановски. Покрај него, Тина Мицковска, досега задолжена за односи со јавност во Градината, од вчера е прв соработник и заменичка на новиот директор на ЗОО.

Претходно, Арсовска го назначи Иван Илиевски за в.д. директор на ЈСП „Скопје“, на местото на досегашниот Кристијан Чушков. Илиевски, како што информираа од Градот, долги години работи на раководни позиции во Авто-мото сојуз на Македонија и Македонија сообраќај Америт и e член и на Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата на Град Скопје.

Јане Мицевски, носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Сопиште, е именуван за нов директор на депонијата „Дрисла“. Тој го замени досегашниот в. д. директор Коста Начевски.

И ЈП „Лајка“ има нов директор веќе десетина дена. На местото на Тина Петрушевска за в.д. директор е поставен Воислав Димитровски, за кого од Град Скопје велат дека е предлог на здруженијата за заштита на животните. Димитровски по професија е ветеринар, магистер во областа на ветеринарното јавно здравство, национален консултант на ФАО за благосостојба на животните, проект-лидер на УНДП за решавање на проблемот со бездомните кучиња на територијата на Југозападниот реон на Македонија.

Останува да се види дали ќе следува разрешување на сите директори на градските јавни претпријатија, кои на почетокот на својот мандат ги постави Петре Шилегов. Единствен од нив, кој од 2010 година раководи со истото јавно претпријатие, е Борче Јакимовски, директор на ЈП „Градски паркинг“.

Градоначалничката Арсовска, која својот мандат го доби како независен кандидат, но со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и повеќе други партии, во гостувањето на телевизија „Канал 5“ рече дека со никого не направила договор за директорски места и дека всушност никого не менува туку дека им бил истечен мандатот на в.д, директорите.

Постапката не е таква за јас да можам преку оглас да барам директор, таму на тие места имало вршители на должност, практично на кои им е завршен мандатот и на тие места повторно се ставаат вршители на должноста, кои ќе ја вршат својата функција до оној момент додека управните одбори на сите овие јавни претпријатијата не си одберат транспарентно и јавно, на јавен повик, на конкурс, лице што ќе биде директор на тоа претпријатие – рече Арсовска.

Сепак, градоначалничката не одговори по кои критериуми се избрани оние што се сега именувани.

Дека ќе следува разрешување на актуелните директори, граѓаните можеа да насетат откако на последната седница на Советот на Град Скопје не беше прифатен деветмесечниот извештајот за работата на ниту едно јавно претпријатие, освен на ЈСП, кој не беше ни доставен. Советниците од ВМРО- ДПМНЕ и коалицијата тогаш на говорницата изнесоа низа забелешки за прикажаното во извештаите, укажаа на многу недоследности и непотребни трошења. Забелешки имаа и за тоа што на седницата не беа присутни дел од директорите на претпријатијата за да дадат свое толкување на поднесените извештаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот