Апликацијата на наркомафијата може да открие и судии и обвинители – доушници

Дали министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе успее во тоа што неговиот претходник – Оливер Спасовски – го начна пред да замине од функцијата: да ги открие „кртовите“ меѓу полицајците, судиите и обвинителите кои соработувале со наркомафијата и да ја разбие криминалната група од Грчец? Нов момент во борбата со наркомафијата е помошта што МВР ја има од декодираните пораки на апликацијата „скај“ што ја користела криминалната група „Дуќанџик“ од село Грчец, на чело со Шеваљ Муареми.

Според Тошковски, има огромен број докази набавени од апликацијата „скај“, па и во иднина ќе има доста интересни случаи за јавноста.

– Претпоставувам дека ќе следуваат поголем број случаи што се поврзани со доказниот материјал обезбеден од скај-апликацијата, која ни е дадена од нашите меѓународни партнери. Станува збор за огромен број докази поврзани со конкретни кривични дела – изјави Тошковски, откако двајца поранешни полицајци и еден член на криминалната група завршија во притвор.

Овие најави на Тошковски се на иста линија со поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој пред да замине од функцијата откри дека полицајци, судии и обвинители соработувале со криминалната група од Грчец.

– Има инволвирани во многу институции – МВР, други агенции, министерства, судови, јавни обвинителства. Можеби ќе се зачудите во наредниот период, но еднаш мора да излезе кои се тие кои во одреден момент самите викаа „држете го крадецот“, а во суштина биле тоа – најавуваше Спасовски.

Засега во мрежата доушници паднаа само пензионираните полицајци што ја пробиле и акцијата „Планина“ што ја водеше Обвинителството уште во 2021 година, а двајца обвинители речиси една година собираа докази уште кога на чело на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција беше обвинителката Вилма Русковска. Таа уште тогаш соопшти дека акцијата е пробиена во Грчец. Таму беа направени претреси на 26 локации, но дрогата била отстранета, а најдени беа само 800 грама кокаин. Фатени беа само продавачите, но не и наркобосовите.

Пробиле операција што траела една година

-Според посебните истражни мерки, кои се завршуваат денеска, а кои се однесуваат на овие шест лица по кои се трага, имаме сознанија дека акцијата во село Грчец е пробиена и најави дека ќе се испитува дали сè паднало во вода со помош на вработени во полицијата. Таму за каде што имавме сознанија дека има дрога, беше исчистено. Тука, на три локации се пронајдени некаде околу 100 грама кокаин. Без разлика на количината, Обвинителството располага со цврсти докази за сите лица за кои е издадена наредба за спроведување истражна постапка. Од самиот почеток знаевме дека нема да успееме да најдеме поголема количина дрога. Одземени се само три возила, и тоа две од Грчец и една од Гази Баба. Со тоа што најлуксузните возила кои ги поседуваат водачите на Грчец беа скриени, што значи дека некаде се пронајдени само клучеви, некаде ни тоа – изјавуваше Русковска.

Следуваа уште неколку полициски акции за разбивање на криминалната група Грчец, но дури по три години обвинети се двајца пензионирани главни инспектори за имотни деликти, односно недозволена трговија со дрога. Всушност, Муареми со пари ги „купил“ инспекторите Ејуп А. и Дарко Г. кои собирале информации за постапките што се воделе против криминалната група, но и безбедносни и разузнавачки активности на државните органи. Така, заедно со Оливер П. се сомничат дека во периодот од декември 2019 до март 2021 година извршиле кривично дело злосторничко здружување и продолжено кривично дело одавање на службена тајна, дополнително прво и третоосомничениот сториле и кривично дело попречување на правдата, а првоосомничениот се товари и за кривичното дело противправно стекнување и прикривање имот.

Обвинителството тврди дека двајцата инспектори и припадникот на криминалната група уште во втората половина на 2020 година, кога Обвинителството собирало докази за акцијата „Планина“, припадниците веќе знаеле дека се следат со посебни истражни мерки, па целиот труд на обвинителите падна во вода.

Осомничените одавале информации и за двојното убиство што се случи во март 2021 година, кога во Топанско Поле, во Скопје, беа застрелани Бурим Вардари и Африм Бериша, кој е во роднинска поврзаност со Бедри Бериша, член на наркокланот „Барон“. За убиството, на криминалната група ѝ биле пренесени информации кој е задржан во полициска станица и што преземаат службените лица што се вклучени во криминалистичкото истражување.

Одавањето службени тајни почнало во декември 2019 година, кога криминалната група со закани натерала жртва на нарачан обид за убиство да ја смени изјавата пред полицијата. Му се заканувале дека ќе го нападнат и него и членови на неговото семејство. Жртвата сега е почината.

Криминалната група била информирана и за убиството што се случило во август 2020 година, како и за грабнување што се случило во септември 2020 година. За грабнувањето биле осомничени пет лица, а на групата ѝ било пренесувано какви докази се обезбедени и какви изјави дале сведоците за овој настан. Групата што најверојатно била вмешана во овие грозоморни дела, била чекор пред полицијата за да не биде документирана нејзината вмешаност. Најголемиот удар ѝ беше зададен пред заминувањето на Оливер Спасовски од министерското место.

Доказите се црпат од апликацијата „скај“

Во големата полициска акција што беше спроведена кон крајот од јануари, од 16 осомничени што биле дел од меѓународна криминална група што шверцувала кокаин и била вмешана во убиства и обиди за убиства, во селото Грчец и низ Скопје полицијата најде и уапси само шестмина, a петмина се на обвинителна клупа. Полицијата не дојде до Муареми, но тогаш за првпат јавно го потврди неговото водство на групата и собра докази дека набавувал кокаин од Колумбија, Еквадор, Бразил, Перу и Боливија, го пренесувал во земјите на Европската Унија, а дел завршувал и на македонскиот наркопазар.

Злосторствата на групата биле документирани преку апликацијата „скај“ што ја користат криминалните групи низ целиот свет. Таа апликација има можност да ги шифрира пораките со што може да ги читаат само оние за кого тие пораки се наменети, додека на други уреди пораките и сликите од „скај“ не може да се отворат. Декодирањето на пораките на оваа апликација го направиле истражни тимови од Франција, Белгија и од Холандија, а она што било декодирано, сега се вештачи на Одделението за крим-техника во МВР.

Засега има докази дека групата Грчец на чело со Муареми организирала две набавки и транспорти на кокаин од латиноамериканските држави до ЕУ и Македонија.

Групата организирала набавка на 435 килограми кокаин во Бразил, кој бил транспортиран по воден пат до белгиското пристаниште Антверпен. Но, кокаинот, од кој дел требало да заврши во Македонија, го заплениле царинските службеници.

Исто така, биле вклучени во транспорт на 106 килограми кокаин што пристигнал во Ротердам, Холандија, од Перу, а делче се очекувало и за македонскиот пазар. Организирале и неколку транспорти на кокаин од Белгија во Македонија, како и од Албанија во Македонија.

Групата на Шеваљ Муареми е само дел од поголеми меѓународни криминални групи, кои, исто така, се вклучени во организирање набавка и транспорт на кокаинот и најверојатно тие се задолжени за македонскиот пазар на кокаин, дрога што е „ин“ во последниве години. Но, тројцата предводници на Грчец/Дуќанџик мафијата не паднаа во рацете на полицијата. Муареми со години живее во странство, а двајцата поранешни водачи на „Дуќанџик“, Орхан Бајрами Оки и Јетон Кривањева-Жила, беа убиени во мафијашки пресметки. Криминалната група од Грчец, според информациите што ги соопшти МВР, се товари за еден обид за убиство, убиство на албански државјанин, како и двојното убиство во Топанско поле. Обидот за убиство на Борис Мутков Фантом се случи во 2019 година, кога кон него беше пукано во селото Бардовци каде што живее.

Тогаш се објавуваа информации дека пукањето е поврзано со нападот што се случи во хотелот „Александар палас“, кога беше пукано кон членови на групите „Дуќанџик“ и „Грчец“. Фантом важеше за пријател на Џелал Ајети Џељо од Арачиново, кој беше водач на групата „Беланоца“.

Полицијата има докази за убиството на албански државјанин чие тело беше најдено на 15 мај 2020 година во селото Горна Матка. Трупот беше најден во фаза на распаѓање и беше закопан во дупка. Освен за овие грозоморни настани, тие се поврзуваат и за двојното убиство во Топанско поле за кое полицајците одавале информации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот