Апелација за „Транспортер“: Ексградоначалникот на Битола, Талески оди во затвор на 7 години, една година помалку од првичната пресуда

Апелацискиот суд Скопје денеска донесе правосилна пресуда за случајот „Транспортер“ со која поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески доби затворска казна од 7 години, односно намалување за една година на првичната пресуда.

Поранешниот секретар на Општина Битола, Слободан Бончановски, исто така доби намалување на казната, од шест години на 5 години и шест месеци затвор. Укината е и ослободителната пресуда за еден од обвинетите. На дел од управителите на фирми кои добија казни од 2 до 3 години затвор, Апелација им изрече условни осуди.

Со денешната пресуда на Апелацискиот дел од жалбите на обвинетите во случајот „Транспортер“ се одбиени како неосновани, дел делумно се уважени, а првостепената пресуда во осудителниот дел под I од изреката, ја преиначи во делот на одлуката за кривичната санкција.

„Обвинетиот В.Т. го осуди на казна затвор во траење од 7 – седум години, обвинетиот С.Б. го осуди на казна затвор од 5 години и 6 месеци, во кои казни им се засметува времето поминато во притвор и куќен притвор до правосилност на пресудата, односно до започнување со издржување на казната затвор, за по едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.
На обвинетите Ј.И., С.М., А.Ш., Д.Г., А.С., О.С.,Р.Ј., Н.Д., Џ.М. за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување им изрече алтернативна мерка – условна осуда, така што им се утврдува казна затвор во траење од по 2 години и истовремено се определува дека утврдената казна затвор нема да се изврши, ако обвинетите во временски период од 5 години по правосилноста на пресудата, не сторат ново кривично дело“, соопшти Судот.

Согласно чл.100 од Кривичниот законик од правното лице Друштво за превоз, услуги, производство и трговија „Д и А Х.Т” ДООЕЛ увоз извоз Битола, се конфискуваат 857.637,00 денари, колку што изнесува имотната корист прибавена со кривичното дело.

Во останатиот дел како и по однос на кривичните санкции спрема останатите обвинетите и по однос на мерката конфискација на имотната корист која е прибавена со кривичните дела, во вкупен износ од 34.224.179,00 денари, првостепената пресуда ја потврди.

Воедно, советот на овој суд, по повод жалбите и по службена должност, а заради правилна примена на Закон, првостепената пресуда во ослободителниот дел под II, ја укина.

Инаку пресудата Апелацискиот суд ја донесе по 3 години.

Предметот „Транспортер“ се однесува на злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола и со првостепената пресуда поранешниот битолски градоначалник доби осум години затвор. Уште десет други лица во овој предмет се осудени со затворски, а десет со условни казни. Првостепената одлука од Основниот кривичен суд во Скопје беше донесена на 31 март 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот