Апчевска, Багашов и Теодосиева се селектирани на „Берлинале таленти“

Седумдесет и второто издание на интернационалниот Берлински филмски фестивал, познат како Берлинале, годинава ќе се одржи од 10 до 20 февруари, а наши учесници во програмата „Берлинале таленти“ се режисерот и актер Ханис Багашов, актерката Наталија Теодосиевa и режисерката Марија Апчевска.

Берлинскиот филмски фестивал важи за еден од најпосетените во светот. Најавени се долги, кратки, анимирани и документарни филмови, како и ТВ-серии од многу европски држави. Европскиот Филмски маркет, саем на филмот што се одржува паралелно со Берлиналето, ќе биде целосно онлајн и ќе трае од 10 до 17 февруари. Копродукцискиот маркет на Берлиналето, чија цел е остварување контакти со финансиери, ќе се одржи од 12 до 16 февруари, а од 12 до 17 февруари онлајн ќе се одржи и „Берлинале таленти“, програма во која познати професионалци држат обуки на учесниците, со цел да произлезат индивидуални или заеднички филмски проекти.

Режисерот и актер Ханис Багашов (22 години) почнува со глума уште од мали нозе, најпрво во театарски претстави, а потоа и во филмови и во музички спотови. Студира режија на Академијата во Софија, а добитник е и на многу награди. На 15 години го режира краткометражниот филм „Лица“, а на 17 го режира и „Мишко“, со кој на последното издание на Берлинале влегува во „Талент кампусот“. Има играно во филмот „Сестри“ на Дина Дума и во „Кога денот немаше име“ на Теона С. Митевска. Ова е негово второ учество на Берлинале, и е меѓу десетте режисери селектирани од цел свет за учество во лабораторијата за развој на долгометражни филмови.

Марија Апчевска ги режира „Бардо“, „Амби“, „Зоки Поки“, како и популарниот краток филм „Северен пол“, што освои многу награди и признанија откако минатата година беше премиерно прикажан на Канскиот фестивал. Во изјава за „Културен печат“, таа проговори за нејзиниот креативен и емотивен предизвик со учеството на „Берлинале таленти“.

– Многу сум среќна и благодарна за оваа можност. Креативните предизвици се помеѓу најважните процеси за еден автор. Учеството на „Берлинале таленти“ истовремено нуди и можност за надградување, учење и проширување на професионалната мрежа на контакти. Освен тоа, мојот краток филм „Бардо“ имаше премиера на Берлинале, па да се биде дел од фестивалот повторно за мене е и емотивно патување – ни изјави Апчевска.

Филмската и театарска актерка Наталија Теодосиева дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Глуми во „Балканот не е мртов“ (2013), како и во „Врба“ на Милчо Манчевски, „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, „Параболик“ на Мартин Иванов, „Втора шанса“ на Марија Џиџева, а оваа година треба да се случи премиерата на новиот филм „Мими“, каде што Теодосиева ја игра главната улога. На театарската сцена има играно во повеќе театри во различни претстави, како што се „Макбет“, „Крал Иби“, „Мојот маж“. Танцот ѝ е прва љубов.

Инаку, највисокото признание на престижниот фестивал во Берлин е наградата за најдобар филм „Златна мечка“. Добитниците на наградите ќе бидат соопштени на 16 февруари, а филмовите ќе се репризираат од 17 до 20 февруари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот