Апасиев со кредит од 3,5 милиони денари, Муцунски нема стан: Каков имот пријавиле пратениците? (ФОТО)
Државната комисија за спречување корупција изнесе податоци од анкетните листови за имотната состојба на избраните функционери, меѓу кои и лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
Препорачано
Апасиев во 2017 година за 65.000 евра купил стан од 60 метри квадратни во Скопје, а навел и кредит во банка од 3,46 милиони денари подигнат во 2016 година. Тој исто така навел и автомобил алфа ромео кој припаѓа на неговиот брачен другар, а вреди 155.000 денари.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски пријавил автомобил од марката „ауди“ во вредност од 1.75 милиони денари, како и „буба“ на брачниот другар во вредност од 430.000 денари. Меѓутоа, тој на негово име нема недвижен имот.

Пратеничката Гордана Силјановска-Давкова пријавила куќа од 5.72 милиони денари, како и неколку депозити во банка, од кои едниот е 55.000 евра, а другиот 3.500 долари, како и 11.500 евра на девизна сметка.

Марија Костадинова, доскорешна директорка на основно училиште во Миравци, која е пратеничка од редовите на СДСМ пријавила имот на фирма во вредност од 19 милиони денари во Гевгелија, а пратеничката Лолита Ристова од Неготино располага со деловен простор во својот град од речиси 2 и пол милиони денари.
Пратеничката на ЛДП, Моника Зајкова пријавила автомобил „поло“ од 250.000 денари, како и златен накит на нејзините родители од 12.000 евра.
Најмладата пратеничка, Артина Ќазими, која доаѓа од редовите на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива пријавила куќа и двор во вредност од 19,1 милиони денари во Добридол.


