Антикорупциска: „Патишта без тендер“ не е стратешки интерес туку стратешка грешка!

Фото: Архива

Нема јавен интерес каде што има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставени работите, а не вака од скратена поскратена постапка да се донесува закон во Собранието што е од многу важно значење за целата држава – рече претседателката на ДКСК

Антикорупциската комисија (ДКСК), која се спротивстави на предлог-законот со кој коридорите 8 и 10 Д би ги градел конзорциум избран без тендер, со директна спогодба, не успеа да го достави своето мислење до Собранието, а законот вчера вечерта беше донесен по итна постапка. Поради ова Антикорупциска денес упати писмено барање до шефот на државата Стево Пендаровски да не го потпишува указот, со кој овој закон би стапил во сила.

Собранието со 51 глас „за“ од вкупно 101 присутен, вчера по скратена постапка го донесе Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10 Д. Останатите пратеници не гласале ниту воздржано ниту против. Ова, според Антикорупциската комисија, е индикативно однесување на пратениците и укажува на претходен договор со опозицијата.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска на прес-конференција укажа дека ставот на ДКСК, по извршена антикорупциска проверка, е дека овој закон, како целина, претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно. Таа смета дека донесениот закон и примената на одредбите на законот во практика, ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.

Овој закон е конкретна реализација на Меморандумот што го потпиша Владата со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола. Со него првпат се предвидува изградба преку нов модел, без распишување тендер, за кој власта уверува дека ќе ги даде најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа.

Ивановска информира дека ДКСК ќе го достави своето негативно мислење за овој закон и ќе бара од претседателот Пендаровски да не го потпише указот за негово стапување во сила, но доколку го потпише, законот ќе биде даден на Уставен суд. ДКСК најавува дека ќе ги искористи сите алатки што постојат во системот во вакви случаи и нема да се откаже.

Според Ивановска, охрабрува што претходниот пат кога Пендаровски покажа зрелост да не го потпише Законот за правен статус на бесправно изградени објекти, како што рече, „ако е во функција на одбрана на својот интегритет, очекуваме и овој закон да не го потпише бидејќи има сериозни уставни прекршувања“.

– Нема јавен интерес каде што има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставени работите, а не вака од скратена поскратена постапка да се донесува закон во Собранието што е од многу важно значење за целата држава – рече претседателката на ДКСК.

Чувството во ДКСК што се гради во овој период, нагласи Ивановска, е дека борбата против корупцијата од останатите чинители во општеството останува декларативна и селективна.

– Нам тоа ни побудува чувство дека сме осамени во таа борба што сметам дека е многу лошо за нашата ситуација во државата – истакна Ивановска.

Таа, меѓу другото, посочи дека во Законот постојат правни празнини што оставаат отворен простор за субјективизам, арбитрарност, политичко влијание, тргување со моќ и дискреција при конституирањето на Комитетот за преговори, а на сметка на стручноста, компетентноста и професионализмот.

Компанијата „Бехтел е гигант“ е најголемиот американски контрактор по приходи додека глобално се трети. Имаат 54.000 вработени во речиси 40 земји и пред десетина години вртеле 40 милијарди долари годишно. Тие реализирале големи проекти во Албанија, Косово, Романија, и речиси секаде нивните зделки ги следеле контроверзии и скандали. Во Косово, на пример, автопатот од 77 километри, што го градеше овој конзорциум, чинел 1,3 милијарди евра, што беше оценето како скандалозно и од ММФ и од Светската банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот