Антикорупциска ја запре постапката за дивоградбите во Чаир, градоначалникот Ганиу со години не им ги дава информациите

Градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу со години не постапува по иницијативите на Државната комсија за спречување на корупцијата (ДКСК) која постапувајќи по пријава од познат подносител се обидува да истражи случај со бесправно изградени објекти на територијата на оваа општина. Пријавата се однесува на дивоградби подигнати од несовесни граѓани во 2011, 2016 и 2018 година за кои не се постапува соодветно од ниту една институција, инспектори па и градоначалникот, притоа злопотребувајќи ги недореченостите во Законот за градење и Законот за инспекциски надзор во однос на ингеренциите на општинските градежни инспектори во однос на надлежното постапување.

Антикорупционерите дури во три наврати барале информации за дивоградбите во Чаир од градоначалникот, но тој два пати платил и глоба по прекршочните пријави од ДКСК но информации за фактичката состојба со дивоградбите во оопштината, не доставил. Токму поради тоа Антикорупциска неможејќи да постапува по овој случај одлучи да ја прекине постапката.

-Ова е ситуација за која ќе се зборува до недоглед и нема да се презема ништо. Институциите мора да даваат информации. Третиот пат кога ги побаравме градоначалникот изјави дека тоа биле постари предмети кои не се од негов мандат и актите не се во општината, туку се однесени во Државниот архив. Им рековме дека документите мора да се чуваат, и оттаму одговорија дека ќе им треба време за да ги обезбедат, ќе ги најдат, а сепак не ги добивме. Историјата е отворена 2 години. Сега се исцрпени сите можности, па затоа предлагам да ја запреме постапката со јавна опомена до градоначалникот на Општина Чаир, рече Нури Бајрами, член на Комисијата.

Според него проблемот лежи во законите кои оставаат простор Општините да не спроведуваат инспекциски надзор, да ги толерираат дивоградбите додека не се завршат, па потоа да се поведе постапка за нивна легализација.

-Се повторува иста ситуација при извршување на управни акти. Според Законот за локална самоуправа општините можат да формираат инспекциски служби и треба да вршат надзор врз објекти од 2 и 3 категорија во општината. Од друга страна Законот за градење предвидува ако општините не ги вршат своите надлежности треба да постапи друга институција надлежна за надзор над градежништвото и урбанизамот. Може да се бара надзор од Државниот инспекторат за градежништво, но тој во многу случаи се смета за ненадлежен. Не смее да се остава на волја на поединци. Треба да се бара надлежно постапување на тој орган на државната управа што е надлежен за тоа, нагласи Нури.

Неговиот колега Владимир Георгиев потсети дека за истата Општина Чаир и истиот градначаник и на седница на февруари ДКСК поднела иницијатива за кривично гонење на градоналникот и на овластен градежен инспектор за други бесправно изградени објекти во Чаир.

-Конечно ни се обрати Државниот градежен инспекторат за постапката која ја почнавме во 2021 година и по три ургенции не извести дека веќе постои објект кој е во процес на легализација. Се чекало објектот да се заврши и да се поднесе барање за легализација. Непостапувањето е кривично дело, ист градонач и иста општина, рече Георгиев.

Антикорупционерите нагласија дека случна ситуација имало и во Општина Гази Баба со тамошните дивоградби.

-Градоначалникот на Гази Баба знае цело време што се случува. Градежниот инспектор постапил, но се чекало пост фестум дадено одобрение за градење. Градоначалниците се кријат зад инспекторите. Според законот за Работни односи, законот за административни службеници, градоначаникот е прв и последен одговор за сето што се случува во општина, не може да го остави инспекторот сам. Градоначалниците постапуваат за претходните случаи кога ќе дојдат на таа позиција, а не се справуваат со дивоградбите кои никнуваат тековно во нивниот мандат, рече Нури.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот