Херои во серијата се Дарија, Марко и Филип заедно со нивниот чудесен сојузник бувчето Ѕе

Анимираната серија за деца „Буквождер“ е новиот наследник на „Бушава азбука“

Првата епизода на анимираната серија „Буквождер“ премиерно ќе биде емитувана на 8 ноември, во 20:15 часот, на МРТВ и на јутјуб-страницата на „Бушава азбука“, како и на каналите на „Види Вака“.

Новата македонска анимирана серија за деца, која ја слави магијата на јазикот, пријателството и заедништвото, е со наслов „Буквождер“. Малите херои, Дарија, Марко и Филип заедно со нивниот чудесен сојузник бувчето Ѕе, тргнуваат во авантури полни со хумор, музика и корисни знаења за јазикот и секојдневниот живот. Секоја епизода носи нова мисија и јасна поука, за да биде подеднакво интересна и за децата и за возрасните.

„Многу сум среќен што ‘Буквождер’ конечно ќе ја доживее својата премиера. Проектот е работен со многу љубов и феноменална екипа на која сум многу горд. Носиме свежа и многу потребна забавно-образовна содржина за деца“, истакнува Георги М. Унковски, режисер и продуцент.

„Буквождер“ е новото официјално поглавје од проектот „Бушав свет“, токму во годината кога се одбележуваат 40 години од првото емитување на „Бушава азбука“, како копродукција на „2БА Продукција“, „Види Вака (раскажувачко студио)“ и МРТВ.

„Ова е едукативна авантура која има за цел да поттикне љубопитност кај децата и кај возрасните, но и да ги поврзе световите на ‘Бушава азбука’ и ‘Буквождер’, да си ги вратиме бушавите букви дома преку една нераскажана приказна за нив што ќе пополни една голема празнина од 40 години и ќе нè одведе поблиску до реализација на ‘Бушав буквар’, последното дело на Горан Стефановски, и играно продолжение на ‘Бушава азбука’. Со емитување на МРТВ и паралелна дистрибуција на нашите социјални мрежи, ја правиме серијата достапна, бесплатна и блиска до семејствата“, посочува Горан Игиќ, продуцент на „Буквождер“ и соосновач на „Види Вака (раскажувачко студио)“.

Првата сезона од „Буквождер“ има 10 епизоди и е планирано покрај нив да се појават и дополнителни содржини, како песни, едукативни видеа, сликовници, игри за развој на креативноста и слично. Гласовите на Дарија, Марко и Филип ги позајмуваат Ивана Павлаковиќ, Дамјан Цветановски и Ангела-Александра Ивановиќ, а сценариото е на Калија Киселичка.

Георги М. Унковски е режисер и продуцент на серијата, Томи Џуровски е уметнички директор, дизајнот на звук е на Сашко Потер Мицевски, ко-дизајн на звук е Марко Наумовски. Тимот аниматори е составен од Горан Менков, Никола Димов и Дамјан Михаилов, а монтажата е на Марјан Николовски. Композитор на музиката е Георги Шарески. Продуценти на серијата се Горан Игиќ и Мите Кузевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот