„Анима Мунди“: Џабе „Лајка“ стерилизира, напуштањето миленик треба да стане кривично дело
Од здружението потенцираа дека во другите држави како Хрватска, Франција и Португалија, напуштањето на миленик се третира како кривично дело, а казните се парични, но и затворски.
Секое напуштање на миленик од страна на сопствениците треба да биде кривично дело, велат од здружението за заштита на животните „Анима Мунди“, потенцирајќи дека пет од шест заловени кучиња имаат сопственик.
Препорачано
Како пример, од Здружението го посочија неодамнешно заловување на ЈП „Лајка“, кога биле подигнати шест кучиња, по што се воспоставило дека дури пет од нив имале сопственици, кои подоцна дошле во стационарот и си ги земале назад.
„Овој податок е алармантен и укажува на клучен аспект од каде извира проблемот. Овој пример не значи дека тоа е единствениот извор на проблемот, туку претставува јасен доказ „во мало“, често видлив во пракса“, велат од „Анима Мунди“.
Оттаму сметаат дека неодговорното сопствеништво заедно со масовната дислокација на кучиња и постојаниот „дотур“ на животни од различни општини, суштински ја нарушуваат програмата и го продлабочуваат проблемот, со што, како што велат, директно ги поништуваат напорите на институциите и службите на терен.
Од здружението сметаат дека доколку нема строги санкции и контрола на сопствениците, системот не ги третира причините за проблемот, туку само последиците, наведувајќи дека иако „Лајка“ троши огромни средства и ресурси за заловување и стерилизација, постојано се создаваат нови генерации на пуштени и репродуктивно способни кучиња.
Покрај неодговорното сопствеништво, голем проблем е и организираната дислокација на животни од една општина во друга, особено во Скопје, која, според „Анима Мунди“ е координирана и претставува дополнителна пречка за решавање на проблемот со уличните кучиња.
„Фактот дека пет од шест заловени кучиња имаат сопственик е директен доказ дека проблемот не може да се реши без строга законска регулација. Потребни се сериозни, неизбежни и доследно применувани казни за неконтролиран расплод, за пуштање кучиња без надзор и за напуштање животни. Повеќе од се, предлагаме и бараме напуштањето миленик да стане кривично дело“, велат од здружението.
Оттаму потенцираат дека во другите држави како Хрватска, Франција и Португалија, напуштањето миленик се третира како кривично дело, а казните се парични, но и затворски.
„Со тоа државата јасно порачува дека оставањето миленик на улица не е „лична одлука“, туку општествено штетно и казниво дејствие. Напуштеното животно е неодговорност што има директни последици врз јавната безбедност, буџетите на општините и благосостојбата на животните“, се вели во соопштението.
„Анима Мунди“ потсети дека е доставена иницијатива за криминализација на исфрлањето миленик на улица, вклучувајќи ги и малите кучиња и очекуваат конкретни законски измени во Законот за заштита и благосостојба на животните, кој во овој момент е во процедура.
„Иницијативата за криминализација на исфрлањето миленик на улица, вклучително и оставање мали кучиња, електронски ја имаме доставено до Министерство за правда, Министерство за внатрешни работи, Владата на РМ и Агенција за храна и ветеринарство. Очекуваме институционален одговор и конкретни законски измени, како и што поскора измена на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во процедура“, велат од здружението.
„Животните не се виновни што се на улица. Не е решение да се убиваат животните. Решението е да се спречи создавањето нови напуштени животни – а тоа може да се постигне само ако одговорноста стане реална, лична и најстрого санкционирана“, заклучија од „Анима Мунди“.


