Англиска и турска компанија заинтересирани за изградба на новиот клинички центар, вели Меџити

„Клиничкиот центар е проект што останува како приоритетн во мојот фокус. Тоа прашање бара многу подготовки. Заинтересирани се англиска и турска компанија, но и други компании“, рече министерот за здравство Фатмир Меџити, одговарајќи на новинарско прашање по повод 100 дена од стапувањето на министерската функција.
-Тоа е многу добар капитален проект и треба да се среди еднаш засекогаш. Потребно е многу време за подготовка. Има многу заинтересирани групации. Заинтересирани се англиска и турска компанија и уште неколку други компании. Овој проект го презентиравме пред неколку амбасади, меѓу кои и онаа на САД. Работиме во оваа насока, изјави Меџити, додавајќи дека информацијата е пратена до Владата, како и дека потоа треба да поминат измените на Законот за здравствена заштита во Собранието.
– Ние работиме на тоа и секој ден сите не уверуваат и самите пациенти и самото работење дека тоа треба час поскоро да се случи. Јас ви кажав дека и во договор со директорите на ФЗОМ имаме иста визија дека со почеток на буџетската година ќе биде најлесно за да се спојат и ова да почне да функционира, рече тој.
Околу немањето места за паркирање во кругот на Клиничкиот центар, Меџити рече дека работат на тоа прашање и најави дека за кратко време ќе презентираат решение.
На новинарско прашање дали е информиран дека заедничките служби на Клиничкиот центар веќе два месеца немаат земено плата, министерот одговори дека тие се под ингеренции на Владата и дека не сака повеќе да коментира.
-Тие се под ингеренции на Владата, а не под Министерството. За тие заеднички служби не сакам да коментирам повеќе. Јасен е мојот став за јавноста, рече тој.