Анета Николова, доктор по ветеринарна медицина: Зошто е важно навреме да размислите за заштитата на вашиот миленик од надворешни паразити

Анета Николова, доктор по ветеринарна медицина, во следниов текст ни објаснува колкава е важноста од навремена заштита на домашните миленици од  надворешни паразити. 

Сите сме сведоци дека во последниве години климата е видно изменета во поглед на промената на сезоните и основните карактеристики на секоја сезона. Еве, и оваа зима едвај имавме снег и минусни температури. За жал ваквата појава го овозможува одржувањето односно преголемото намножување на оние животинки кои зависат од климатските промени, меѓу кои инсектите, а од нив и надворешните паразити опасни за животните и луѓето.

Велам опасни, бидејќи освен тоа што најчесто се хранат со крвта на домаќинот, тие при тоа пренесуваат еден куп векторски болести кои се вистинската опасност дури и по животот на луѓето и животните. Јас, како доктор по ветеринарна медицина, ќе се осврнам на опасностите по здравјето на животните, но вие како сопственици, истовремено ќе имате сознанија и за опасностите по вашето здравје и потребата да се заштитите.

profimedia

Најчести паразити се болвите, крлежите, вошките, комарците и песочните мушички. Други, кои исто така предизвикуваат односно пренесуваат паразити или болести се мувите, меѓу кои овошната мува која пренесува очен црв.

Болвите како најраспространети ЦЕЛОГОДИШНИ паразити, покрај цицањето крв, упорното и нервозно чешање и можноста да предизвикаат алергиски дерматит кај животното, напаѓаат и луѓе, а и пренесуваат еден вид на цревен паразит Dipilidium caninum. Многу упорни, отпорни (во фаза на кукла) и способни паразити кои брзо и лесно се движат и ги инвадираат милениците, па и луѓето. Опасноста е и што многу брзо се размножуваат во околината каде живее животното и доаѓа до инфестација и на домот, не само на животното. Ако знаеме дека само 5% од вкупната популација на болви е на животното во облик на возрасни единки, тогаш треба да знете дека останатите 95% се во ВАШИОТ ДОМ! Во вид на јајце, ларва или кукла живеат во простирката или корпата на миленичето, во вашата постелнина, во пукнатините на подовите и зидовите, во теписите. Дали овој факт предизвика страв и одвратно чувство кај вас? Единствено што можам да ви предложам за да ви помогнам е навремено да го заштитите миленикот за воопшто да не дојде до таква инфестација. Доколку веќе се случи, ќе ве чини многу повеќе средства, време, нервози и можеби компликации од алергии или заболувања предизвикани од нив.

Наједноставно е вашето милениче да го заштитите со ампула, каивче или таблета, имате широк избор на нашиот пазар. Внимавајте да биде квалитетно, препорачано од вашиот ветеринар, бидејки советите од типот оцет и вода многу ќе ве чинат подоцна.

Во едно од моите видеа на мојот Јутјуб канал зборувам опширно на оваа тема и како да се справите со ваквите инфестации.

Крлежите се друга приказна. Отпорните и значително поголемите паразити кои демнат во тревата веќе немаат сезона. Присутни се цела година. Покрај опасноста од значителна загуба на крв при голем број крвопијци на домаќинот, спектарот на пренесени болести е поголем и поопасен. Ерлихија, лајмска болест се доволни за споменување, покрај парализата предизвикана од крлежи итн.

profimedia

Во последно време пријавени се инфестации на дворови и домови од крлежи кои се населуваат во пукнатините на ѕидовите или мебелот и подот. Исто така скапи и здодевни за искоренување. Болестите кои ги пренесуваат, некои од нив опасни и за луѓето, знаат да бидат тешки за лекување и опасни по живот.

Навремена, што значи постојана заштита со антипаразитски средства, ќе ве спасат од дополнителни трошоци и нервози.

Ги предлагам каивчињата кои нудат заштита од 6 до 8 месеци за кучињата, или редовно користење на ампули кои истовремено се и репеленти (одбиваат) и убиваат крлежи. Целта е крлежот воопшто да не се закачи на животното, бидејќи после одредено време започнува да ги исфрла предизвикувачите на болести во телото на домаќинот.

Постојат и  таблети кои се даваат на секои 3 месеци и успешно  и ефективно заштитуваат од крлежите.

Комарци. Минатата година имавме страшен проблем со овие паразити кои беа пренамножени и предизвикуваа нелагодност и проблеми и кај луѓето и животните. За жал, од неодамна е присутен и тигрестиот комарец кој е многу поотпорен и полаком од обичниот комарец и напаѓа преку целиот ден.

Покрај тоа што цицаат крв и предизвикуваат досадно чешање на местото на убод, тие се преносители на еден паразит кој убива се поголем број кучиња, односно е се по раширен во нашава земја. Зборува за срцевиот црв.  Паразит кој наликува на шпагета долга и до 20 см и паразитира во големите крвни садви на срцето и белите дробови.

Не помалку важни за споменување се маларијата, нилската треска и сл. на нив болести кои почнуваат да се појавуваат и кај нас или соседните земји,  а се опасни за луѓето. За болестите не би зборувала поопширно, но само фактот дека станувате свесни за нивното постоење е доволно да дознаете и од што треба да се заштитите и вие и вашите миленици.

Помалку познат, но не и помалку раширен, е и поткожниот црв кој паразитира и кај луѓето.

Повторно, едно добро ременче кое покрај цидното има и репелентно дејство е одлична заштита од комарецот. Ампулите кои имаат и репелентно дејство ја имаат истата улога.

Песочна мушичка– озлогласената и се пораспространета болест ЛИШМАНИЈА се пренесува преку овој инсект и за жал ги напаѓа и луѓето. Најчесто со смртен исход после болно и тешко боледување е болест со која не сакате да си имате работа. Читајте, информирајте се, прашајте, но секогаш бидете заштитени.

Исто како и за комарците, истите препарати нудат висока заштита од мушичката.

Мува, овошна мува која се храни со солзите на животните и луѓето, а пренесува очен црв. Досега немаме препарат кој ја одбива и штити од неа, но постојат ампули чие дејство го убива црвот и сите развојни облици во окото.

Изборот на препарати зависи од многу фактори. Имам видео и на таа тема. Долговлакнесто или кратковлакнесто милениче, кое живее внатре или надвор, младо или возрасно, кое се капе еднаш неделно или 3 пати годишно, кое оди често во природа и на пливање или нема такви можности. Тоа е широка тема која можеме да ја обработиме во следниот текст.

Квалитетот на заштитното средство нуди и соодветен квалитет на заштита. Не се потпирајте на случајноста да го заштитите миленикот со оцет и вода или некои препарати на билна основа или некои совети од нестручни лица на Фејсбук.  Ова го велам бидејќи ги знам бројките на заболени животни од гореспоменатите болести поради несоодветна и ненавремена заштита.  Во оваа ситуација го проценуваме односот ризик од хемиско средство и ризик од заразна болест и верувајте многу е помала опасноста и ризикот за несакани дејства кои секој може да ги има од хемиско средство, отколку ризикот од такво едно заболување кое често завршува со летален исход.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот