Анета Николова, доктор по ветеринарна медицина: Зошто е потребно вашето куче да шета на поводник

Многу несогласувања има меѓу сопствениците на кучиња околу тоа дали кучето треба или не треба да се шета на поводник. Иако законските прописи не оставаат многу избор, освен оној дека кучето на јавни површини мора да биде на поводник, сепак секојдневни се ситуациите на несакани „лоши“ средби помеѓу две кучиња кои имаат сопственици.

Честопати и мене ми се случува да наидам на куче кое шета слободно и кога ќе го побарам сопственикот да го врзе, добивам одговор: „Не плаши се, девојче. Моето куче е мирно!“

Да не се разбереме погрешно, јас сакам и моето куче слободно да се истрча, да ужива во прошетката, да се раздвижи, да се изигра со друго куче. Навистина имаат потреба од тоа. Целосно сум свесна за придобивките од таа слобода, но од друга страна и целосно сум свесна за честите несакани последици од ваквите неконтролирани средби. Можеби кучето за кое сопственикот тврди дека е мирно, навистина е мирно. Но дали другото куче е мирно? Дали другото куче е расположено за игра? Дали можеби другото куче е во фаза на опоравување од некаква скршеница, на пример, и не сака да биде вознемирувано од Вашето мирно куче? Можеби се опоравува од некаква болест, можеби е старо, можеби е незаинтересирано за игра и кога другото куче навалува може да има реакција. Затоа другото куче е врзано и затоа треба да биде и Вашето. Ако се согласиме дека можат да си поиграат, тогаш е во ред. Во спротивно, едноставно, ајде да ги сведеме несаканите моменти на минимум!

Бидејќи честопати работам со кучето што е на поводник, значи може да се работи за несоцијализирано куче, плашливо, куче кое не реагира убаво на средби со други и слично, а и честопати до мене имам и сопственици кои стравот кон кучиња се обидуваат да го надвладеат преку чување куче, сум имала и ситуации кога сопственикот доживува буквално шок од страв од слободното куче, кое неконтролирано налетува на нас. Од друга страна, градот веќе може да се пофали со неколку паркови за миленици. Не се доволно, но сепак е чекор напред. Таму има прекрасни дружби и меѓу сопствениците и помеѓу нивните миленици. Користете ги!

Многупати досега сум ја споменала потребата од воведување на нешто како – различна боја на поводник означува различна состојба кај кучето, па така сопствениците од далеку ќе знаат кое куче е расположено за игра. На пример, црвена боја: куче кое е агресивно со други кучиња, кое е во фаза на опоравување од некоја болест или траума, кое не е социјализирано или едноставно не сака да биде вознемирувано од други кучиња. Портокалова или жолта боја: куче со кое се работи, значи е во фаза на тренинг. Зелена боја: Куче кое е расположено за игра и можете да му пристапите со Вашето куче, кое исто така треба да е добронамерно.

Разговор на оваа тема имам објавено и на мојот канал на Јутјуб, каде што можете да најдете неколку видеа на различни теми; со совети се обидувам да им помогнам на сопствениците на миленици.

Да сумираме, вистина е дека и двата спротивставени ставови имаат свои позитивности и негативности, но мора сите да бидеме крајно одговорни и да постапуваме согласно правилата. Факт е дека со многу од кучињата не се работи на воспитувањето, понатаму, начинот на живот и немањето доволно слободно време, не дозволува добра нивна социјализација и доволно време да се посвети на одгледувањето, па сè повеќе имаме несоцијализирани единки. За да ги тргнеме нашите прекрасни кучиња – миленици од листата на „агресивни, страшни кучиња без контрола“, ајде малку повеќе да се посветиме на нивно воспитување, да ги почитуваме правилата и другите кучиња и сопственици на кои наидуваме, да ги шетаме на поводник нашите кучиња на јавни површини и да го собираме изметот од нив, да внимаваме на другите минувачи и на децата, кои можеби се плашат од нашето куче и да покажеме дека сите заедно сме зрели да развиваме една култура на урбано чување кучиња на високо ниво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот